Пазарната инспекција започнува контроли на цените на околу 700 основни производи

Пазарната инспекција започнува обемни контроли на цените на околу 600–700 основни прехранбени производи. Министерот Бесар Дурмиши најави детални анализи, како и нови разговори со маркети, производители и дистрибутери со цел намалување на цените и стабилизирање на пазарот, откако премиерот Христијан Мицкоски деновиве порача дека очекува инфлацијата кај храната да се задржи под 3 отсто.

Пазарна инспекција со обемни контроли на цените
Пазарната инспекција во наредниот период ќе спроведе обемни контроли на меѓу 600 и 700 производи што се дел од потрошувачката кошничка. Акцијата следува по состанокот со претставници на трговските синџири, Министерството за финансии, Министерството за економија и труд и директорите на надлежните институции.

Станува збор за компаративна анализа на цените, споредувајќи ги податоците од мај 2026 година со мај 2025 година, на ниво на добавувачи и маркети. Целта е детално да се утврди како се формира цената на секој производ – од набавната до продажната цена, како и да се идентификуваат факторите што доведуваат до нејзино зголемување.

Дурмиши: Ќе се анализира секоја фактура и секоја цена
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека оваа недела ќе се одржи состанок со доставувачите и производителите, на кој ќе се разговара за обезбедување пониски цени на основните прехранбени производи.

Одговарајќи на новинарско прашање, Дурмиши рече дека не може да прецизира кога ќе биде готов извештајот од контролите на Пазарниот инспекторат, но поради обемот на работата се очекува за околу еден месец.

Како што истакна, ќе се анализира секоја фактура и цените на 74 групи производи.

„Ќе се врши детална контрола од набавната цена на производителот до продажната цена на трговецот и ќе најдеме точно кои се индикаторите од кои произлегува таа цена, каде имаме поголемо зголемување и зошто се случува тоа“, вели Дурмиши.

Анализи на маржи и можни интервенции
Врз основа на анализите институциите треба да утврдат каде има зголемени маржи и дали е потребна интервенција. „Ќе направиме детална анализа, ќе гледаме каде треба да ургираме или со кој треба да се сретнеме, ако има поголема маржа од 10 или 15 проценти“, рече Дурмиши.

Тој посочи дека претходно, во периоди на празници, трговците ја зголемувале профитната бруто-маржа до 20–30 проценти, додека сега таа се движи меѓу 5 и 10 проценти.

 

 

DW