Реконструкцијата пред финале – смени, ротации и нови лица

Реконструкцијата на Владата е во финална фаза – а во јавноста на големо се шпекулира за распределбата на функциите. Во фокусот се распределбата на ресорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Влен и ЗНАМ, како и имињата што се поврзуваат со клучните позиции во министерствата за здравство, правда и другите сектори.

Реконструкцијата на Владата – распределба на ресорите
Во претстојната реконструкција на Владата на премиерот Христијан Мицкоски,според најавите, ВМРО-ДПМНЕ треба да ги добие ресорите здравство и социјална политика. Кадри на коалициониот партнер Вреди (Влен) се очекува да застанат на чело на министерствата за правда, односи меѓу заедниците и култура, додека ЗНАМ ќе го добие Министерството за земјоделство.

Кој заминува и кој ротира
За министерската функција во здравство се споменува името на Сашо Клековски, актуелен директор на Фондот за здравствено осигурување. Телевизијата 24, повикувајќи се на висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, објави дека на негово место можно е да дојде Златко Перински, сегашен министер за локална самоуправа. Кадар на ВМРО-ДПМНЕ застанува на чело и на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ преку Фејсбук веќе го најави неговото заминување од функцијата и порача дека ја укинал Програмата К-5, односно дека во време на неговото министерување нема веќе „седи дома и земај плата“. Според последните комбинаторики, тој е во игра за ресорот локална самоуправа.

Нови министри и имиња во игра
Размената на ресори, како што објави „360 степени“ предвидува кадар на Влен да раководи со Министерството за правда, каде како потенцијален министер се споменува Јетон Шасивари. Во култура, од позицијата заминува Зоран Љутков, а Влен ќе предложи ново решение. Беким Сали останува министер за европски прашања.

ЗНАМ и распределбата на ресорите
По губењето на ресорот правда, ЗНАМ ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве потврди дека договорот за ресорите е постигнат, но повеќе детали се најавуваат за вечерва.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, одговарајќи на новинарски прашања, денеска не даде прецизен одговор дали ќе биде дел од реконструкцијата:

„На избори излегуваме пред граѓаните и кажуваме што ќе направиме, а кога ќе ја добиеме поддршката, претседателите на партиите и коалициските партнери разговараат кои се подобри луѓе за да раководат со ресорите. Подобро се чувствувам да завршам некоја работа која е од интерес за граѓаните отколку колку време ќе бидам во ресорното министерство“.

 

 

DW