Петицијата за забрана и регулација на социјалните мрежи за деца до 16 години доби над 2.400 потписи

Во последните неколку дена, 2.427 граѓани ја потпишаа петицијата за заштита на децата до 16 години, со која се бара забрана и строга регулација на пристапот до социјалните мрежи во Македонија. Петицијата ја покренува граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“, составена од загрижени родители, наставници, стручни лица и граѓани што бараат системска заштита на малолетниците во дигиталната средина.

И покрај растечкиот број поддржувачи, засега надлежните институции не покажуваат подготвеност за разгледување на иницијативата.

Владата не размислува за забрана
Полемиката околу тоа дали Македонија ќе воведе рестрикции по примерот на соседните земји беше заокружена со изјавата на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој порача дека Владата не планира ограничување на пристапот до социјалните мрежи за малолетници до 15 години.

Според него, таквиот потег би бил „премногу радикален“ и би значел мешање во основните права и слободи.

На настан по повод Денот на безбеден интернет во Прилеп, Андоновски рече дека државата веќе промовирала алатки што им овозможуваат на родителите да ги контролираат апликациите, времето и содржините што ги користат нивните деца.

„Сметавме дека ова е начин за превенција, при што контролата ја задржуваат родителите, а не државата“, изјави тој.

И покрај ставот против забрана, Андоновски остави простор за јавна расправа и анкета, доколку се зголеми интересот и загриженоста кај родителите. „Не бегаме од можноста за измени на законот, но забраните секогаш треба да бидат последна мерка“, додаде министерот.

Според него, опасноста е многу голема кога државата ќе реши да забранува одредени алатки за определена група луѓе. „Така, отвораме врата за државата утре да си дозволи да забранува и тоа да биде спротивно на слободата на говорот, спротивно на слободата на изразување, зашто државата решила дека некаква алатка треба да забрани. Тоа треба да го чуваме како последна мерка во можностите, а прва мерка се превенција и родителска контрола“, посочува министерот.

 

 

DW