Планови за ЕУ-данок: Цигарите би можеле да станат поскапи

Во светлината на предлогот на Европската Комисија за значително зголемување на даноците на цигарите, германската тутунска индустрија предупредува на повисоки цени.

„Планот би довел до зголемување на цената на пакување цигари со бренд во  Германија од сегашните околу 8,50 евра, на повеќе од 12 евра“, изјави Јан Мике од Сојузното здружение на тутунската индустрија и нови тутунски производи. Кесичка од 30 грама ситно сечкан тутун за виткање цигари би чинела повеќе од 18 евра во иднина, наместо сегашните 10 евра.

Поранешниот сојузен политичар од ФДП притоа алудира на планот на бриселската администрација за зголемување на минималната даночна стапка за цигарите на 215 евра на 1.000 цигари. Сегашната стапка е 90 евра. За ситно сечен тутун, се очекува цената по килограм да се зголеми од 60 на 215 евра.

Тутунската асоцијација предупредува на пораст на црниот пазар

Планираните регулативи на ЕУ не ги специфицираат цените. Сепак, на тутунските компании ќе им биде дозволено да ги зголемат цените доколку треба да платат повеќе даноци. Предлогот на Комисијата, исто така, вклучува премија за куповна моќ, што дополнително би ја зголемило продажбата во релативно богати земји како Германија.

„Ова е целосно непропорционално“, вели Мике, извршен директор на здружението на браншата, во врска со предложеното зголемување во целина. „Таквиот ценовен шок би ја поттикнал нелегалната трговија, а тоа би бил пакет економски стимул за црниот пазар.“

Веќе сега, една од пет цигари кои се пушат во Германија не се оданочува во Германија – или затоа што потекнува од црниот пазар или е легално донесена  од земји каде цигарите се поевтини.„Во иднина, овој процент би можел значително да се зголеми – во Велика Британија веќе е повеќе од 40 проценти.“

Критики од Европскиот парламент

Сепак, дали предлогот ќе помине во сегашната форма е под знак прашалник, бидејќи земјите-членки и  Европскиот Парламент  имаат право на свое мислење. Критички гласови се слушаат и од политиката. „Оној кој премногу ги затегнува даночните завртки ризикува сè повеќе бизниси да се префрлат во сивата економија“, предупредува европратеникот од ЦСУ, Маркус Фербер. „Комисијата овде мора да биде претпазлива – во спротивно ќе им наштети на чесните бизниси и ќе им помогне на шверцерите.“

Според претставникот на тутунската бранша, Мике, криминалците ги зголемуваат своите напори за продажба на неоданочени нелегални цигари во Германија, бидејќи нивниот бизнис станува сè попрофитабилен поради повисоките цени на цигарите во продавниците. „Многу пушачи кои претходно сосема легално купувале цигари би се префрлиле на нелегална стока.“ Претстојниот бум на црниот пазар би можел да доведе и до зголемување на стапките на пушење кај младите луѓе. „Дилерите не вршат проверка на возраста.“

 

 

DW