Утре ССМ најави блокада на Собранието за зголемување на минималната плата на 600 евра

Со блокада на зградата на Собранието од двете страни, работниците предводени од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) утре од 9 часот ќе се обидат да ги натераат пратениците да се соочат со нив лице в лице и директно да ги слушнат нивните барања.

Блокадите ќе се одржат на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“, објави на социјалните мрежи претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Според него, акцијата е дел од притисокот за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра, како и линеарно покачување на сите останати примања за најмалку 100 евра.

Зошто ССМ го блокира Собранието?
Трендафилов посочи дека причината за блокадата е „едногодишното молчење“ на пратениците по предлогот на ССМ за покачување на минималната плата и другите работнички плати.

Поради блокадата, вели тој, пратениците нема да можат да дојдат со службени возила и ќе мора да поминат покрај работниците кои протестираат. Дополнително, нема да можат да наплатат надомест за гориво — што според ССМ е „најболната точка“ за народните избраници.

„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев. Тој ден ќе ги оневозможиме да наплатат патни трошоци кои достигнуваат и над 100 евра. Нека дојдат пеш или со градски превоз – како што доаѓаат работниците“, изјави Трендафилов.

Обвинувања за високи трошоци на пратениците
Тој ги обвини пратениците дека уживаат евтино собраниско кафе и покриени трошоци за превоз, додека, како што рече, работниците немаат право ниту на храна ниту на превоз.

Според него, пратениците се „глуви“ на барањата за зголемување на платите, а истовремено добиле 79% зголемување на примањата, со можни дополнителни покачувања од 12,6% (доколку Уставниот суд ја укине владината уредба) и 9,2% врз основа на проекцијата на НБРМ.

„Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за работниците – срамно е“, порача претседателот на ССМ.

Трендафилов додаде дека ССМ ќе продолжи со притисокот и ќе собира 10.000 потписи за иницијатива за намалување на функционерските плати ако пратениците продолжат да молчат.

Африм Гаши: Пратениците ќе дојдат на работа и покрај блокадите
Во меѓувреме, претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите изјави дека очекува протестотда помине мирно. Тој вели дека пратениците се информирани да дојдат на работа и дека протестот нема да го попречи нивното право да присуствуваат на седница.

За евентуално блокирање на влезовите на парламентот, Гаши рече: „Нема да има специјално обезбедување на Собранието. МВР има редовни безбедносни протоколи. Така, ние ќе си работиме, тие ќе си протестираат”.

Гаши смета дека проблемот не може да се реши само со зголемување на платите. „Треба да се земе предвид целата економска слика. Мислам дека треба да се направи нивелирање на платите по приоритет, да определиме кои функции се најбитни во државата. Од таму да одиме – претседател на државата, на Собрание, премиер, пратеник, директор, наставници, доктори… и да имаме поправедно нивелирање на платите. Мислам дека на таков начин најправедно би било да се реши тој проблем“, рече Гаши.

ССМ блокадите ги најави уште минатата недела, по протестот на кој повторно се бараа повисоки плати. На 17 февруари е најавена и блокада на Владата.

 

 

DW