Политичка бура во Македонија околу владините летови

Кој летал и за какви потреби со владиниот авион? Дали имало непотребни трошоци, луксузирање или користење за приватни цели? Овие прашања се наметнаа по објавувањето на податоците за тоа кои функционери најчесто го користеле владиниот авион од формирањето на владата на премиерот Христијан Мицкоски, во периодот од јуни 2024 до декември 2025 година.

Темата стана особено актуелна по изјавата на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој побара државата да набави нов владин авион. Според него, доколку државата сака да има сериозен меѓународен имиџ, мора да располага со соодветна опрема за официјални делегации.

„Имаме авион кој е склон на чести поправки, го носевме повеќепати на сервисирање, премал е и има околу шест седишта. Не може да се користи за сериозни делегации“, изјави неодамна Томовски.

Иако авионот е стар и со ограничен капацитет, тој бил употребен околу 40 пати во период од една и пол година, пресметано без летовите за сервисирање (вкупно девет) и два специјални лета – медицински и за евакуација. Овие податоци ги објави Телевизија Телма, повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи. Релацијата Скопје – Будимпешта е најчесто користената: дури седум лета се реализирани кон Унгарија.

Кој функционер најмногу го користел авионот?
Најчест корисник од владините функционери е Александар Николоски, министер за транспорт и врски и вицепремиер, кој летал 11 пати, од кои шест кон Будимпешта.

Повеќе од него летала само претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова, со 13 летови. Таа патувала во Тиват, Подгорица, Тирана, како и во Рим, Истанбул и Копенхаген.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го користел авионот седум пати. За летот од Скопје до Џеда (Саудиска Арабија) е наведено само „претседател на Собрание“, без дополнителни податоци за патниците.

Премиерот Христијан Мицкоски летал трипати — еднаш за Будимпешта и еднаш на 10 август до Сплит.

СДСМ со остри критики
Од СДСМ реагираа дека премиерот „ужива во луксуз на грбот на народот“.

„Дури и на Јадранското Море, на капење оди со владиниот авион. Исто како Никола Груевски, тој купуваше ‘мерцедес‘ од 600 илјади евра и носеше очила од 60 илјади евра, а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да купи нов авион, за туристички прошетки“, се вели во партиското соопштение.

Партискиот лидер Венко Филипче побара премиерот да објасни кој патувал со него и зошто би се купувал нов авион „за приватни цели и патувања“. Тој ја обвини власта за луксузирање, додека граѓаните се соочуваат со растечки трошоци и ниски примања.

На критиките се надоврза и потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, која тврди дека авионот се користел и за приватни летови.

 

 

 

DW