Полска и Украина долго време се најблиски сојузници. Политичката и воената поддршка од Полска во голема мерка придонесоа Украина успешно да се одбрани на почетокот на руската инвазија која започна во февруари 2022 година. Но, повеќемесечниот спор околу минатото сега ги турка двете соседни земји во подлабока криза.
Во петокот вечерта (19 јуни), полскиот претседател Карол Навроцки објави на платформата X дека му го одзема на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Орденот на Белиот орел, највисокото државно одликување на Република Полска. Со тоа, тој ја исполни заканата што ја упати пред неколку недели за време на спорот околу именувањето на украинската воена единица „Херои на УПА“.
Во Киев, таа одлука предизвика остри реакции. „Мислевме дека Орденот на Белиот орел е посветен на украинската нација и нашата армија. Тоа беше кажано тогаш. Денес му го вратив орденот на господинот претседател на Полска“, напиша Зеленски на своите социјални мрежи во саботата (20 јуни). Тој ѝ се заблагодари на Полска за досегашната поддршка и солидарност и додаде дека повеќе нема да има спорови околу тоа кога Катерина II, Мусолини и Герхард Шредер сè уште ќе можат да бидат носители на таа награда. Притоа, Зеленски без коментар објави фотографии на кои се гледа како орденот му е вратен на Навроцки од приватна украинска поштенска служба.
Подоцна, во интервју за украинската Телевизија 1+1, тој го обвини својот полски колега дека сето ова го направил од предизборни причини. „Претседателот Карол Навроцки се бори за позицијата на својата партија против премиерот (Доналд Туск). Тоа е она што го правеше и Орбан. Тоа е погрешен начин. Мислам дека ќе заврши лошо.“
Украина реагираше речиси едногласно
Во текот на викендот, речиси целата украинска политичка елита реагираше единствено. Тројца од четворицата преживеани поранешни украински претседатели ги вратија своите полски одликувања – Леонид Кучма, Виктор Јушченко и Петро Порошенко. Проруски ориентираниот Виктор Јанукович побегна во Русија во 2014 година. Шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Кирил Буданов, како и министерот за надворешни работи, Андриј Сибиха, исто така, ги вратија полските одликувања.
„Навроцки стана некој кој ги уништува позитивните достигнувања кои ги постигнавме во последните години. Не е случајно што му аплаудираат во Москва“, рече шефот на украинската дипломатија.
„Ниту еден претседател на друга земја нема да ја диктира нашата историја“, рече Сибиха и најави „реципрочен одговор“, без да даде детали.
Сосема различни ставови за УПА
Ова е најтешкиот конфликт меѓу Варшава и Киев од почетокот на руската војна против Украина. Причината беше одлуката на Зеленски на крајот од минатиот месец (26 мај), со која ѝ беше дозволено на специјална единица на украинските вооружени сили, на нејзино барање, да го носи почесното име „Херои на УПА“.
Со тоа беше одадена експлицитна почит кон борците на Украинската бунтовничка армија (УПА), која пружаше вооружен отпор на советскиот режим во Украина сѐ до 1950-тите години. Денес, тој отпор зазема централно место во украинската култура на сеќавање и е еден од нејзините клучни елементи.
Меѓутоа, во Полска УПА се гледа сосема поинаку. За време на Втората светска војна, во борбата за независна Украина, единиците на УПА од 1943 година извршија бројни масакри врз полското население во западна украинска Волинија. Се проценува дека убиле околу 100.000 цивили. До 20.000 Украинци беа убиени во последователните одмазди од страна на полските партизани. Во 2016 година, полскиот парламент ги прогласи злосторствата на УНА за геноцид.
DW




