Високи американски и украински претставници ги завршија разговорите во Флорида, а државниот секретар Марко Рубио ја опиша сесијата како „многу продуктивна“, но нагласи дека е потребно уште работа за да се изготви план за прекин на војната на Русија против Украина.
„Имавме уште една многу продуктивна сесија, надоградувајќи се на разговорите во Женева и настаните од оваа недела, но има уште работа што треба да се направи“, изјави Рубио за новинарите на 30 ноември по состанокот, без да образложи повеќе.
„Има многу нерешени прашања и секако дека тука има и друга страна што мора да биде дел од равенката“, додаде тој, осврнувајќи се на Русија.
„Ќе продолжиме подоцна оваа недела, кога специјалниот претставник на Белата куќа Стив Виткоф ќе отпатува во Москва… Исто така, во различен степен, сме во контакт со руската страна и имаме прилично добро разбирање за нивните ставови“, рече Рубио.
Рустем Умеров, секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и шеф на делегацијата од Киев, ги оцени преговорите како „значајни и успешни“, но не навлезе во детали.
„Завршивме тешка, но продуктивна рунда преговори во Флорида. Направивме опиплив напредок кон воспоставување праведен мир“, напиша Умеров на Телеграм.
Додаде дека состанокот бил „значаен и успешен“.
„Сè уште има многу работа пред нас – продолжуваме да се консултираме и да се договараме за понатамошни чекори за мир за Украина“, напиша тој.
АФП цитираше неименуван извор близок до украинскиот тим кој рече дека разговорите „не биле лесни“ и дека „потрагата по формулации и решенија продолжува“.
Преговарачките тимови се состанаа во Халандејл, Флорида, северно од Мајами, во услови на забрзани напори за усогласување на условите за план прифатлив и за Киев и за Москва.
slobodnaevropa.mk




