Пензионери од повеќе градови во земјата за денеска (1.12) најавија протест против одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалиското осигурување.
Станува збор за одредбата со која се зголемуваат пензиите, во јавноста позната како „линеарно зголемување”. Со поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано.
Судот изразува сомнежи за правичноста на моделот
„Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека со оспорениот член 2 се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните, како и правната сигурност и легитимните очекувања како правни принципи. Се постави прашањето дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот на пензија и нееднаквост помеѓу примателите на пензии, односно оние пензионери кои имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица, добиваат помало зголемување на пензиите, наспроти пензионерите со пониските пензии“, образложија од Уставниот суд по донесената одлука пред десетина дена.
Одлуката била донесена по сопствена иницијатива и со мнозинство гласови. Сега во тек е втората фаза, во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука.
Мемов: Линеарното покачување е „правилно и праведно“
Токму во оваа фаза и дел од пензионерите преку протест сакаат да го соопштат нивниот став.
Во јавни настапи ставот веќе го искажа директорот на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Никола Мемов.
„Сметам дека линеарното покачување е правилно и правдено”, рече Мемов.
Аргументацијата за овој став неодамна му ја презентирал на претседателот на Уставниот суд, на неформална средба.
Фондот не е акционерско друштво
Тој објаснува зошто овој концепт е праведен.
„Сите дилеми око тоа кој колку уплаќал придонеси во Фондот на ПИОМ завршуваат со денот на издавање на решението за пензија: сте плаќале повеќе придонеси – имате поголема пензија, некој плаќал помалку придонеси – има помала пензија. Но, некои политичари го третираат Фондот за ПИОМ како акционерско друштво. Не е така. Пензискиот систем во Македонија е социјално-солидарен и не може да се очекува дека кој било има некакви акции во Фондот согласно со придонесите што ги уплаќал во текот на работниот стаж, и дека после, кога ќе дојде време за усогласување на пензиите, процентуално ќе му следува дивиденда или профит од тие негови уплати. Не! Овие усогласувања, зголемувања што ги прави Владата од буџетот, ги плаќаат сите даночни обврзници и се однесуваат на ценовните шокови во Македонија“, рече Мемов во интервју на ТВ Сител.
DW




