Во текот на оваа седмица се очекува да биде донесен финалниот нацрт на решението со кое правосудниот испит ќе може да се полага на албански јазик, како и проценка дали има потреба предлогот да биде испратен за мислење во Венецијанската комисија, најави првиот заменик-премиер Беким Сали.
За ова прашање студентите Албанци двапати протестираа пред Министерството за правда во Скопје, а вчера во Тирана се одржа и протест за нивна поддршка.
„Во текот на оваа недела, верувам во четврток (28.5.), треба да се донесе финален драфт, конечно решение, и ќе се одлучи дали предложениот модел има потреба да оди во Венецијанската комисија. Сосема е ирелевантно дали ќе помине уште еден месец плус во Венецијанската комисија, или тој ќе се усвои и ќе почне да се имплементира“, изјави за ТВ 21 првиот вицепремиер.
Мапирање на потребите
Сали нагласи дека не станува збор за нов закон со кои ќе се решава полагањето на правосудниот испит на албански јазик, туку за измени во постојниот закон. Но, најави дека се бара решение и за полагањето на други професионални испити, односно за изнаоѓање сеопфатно решение.
„Ова прашање отвори и нешто друго – колку сертификати ќе се издаваат на два јазика, како ќе се полага испитот на албански јазик, како се организираат, каде се полагаат – во стопанските комори, лекарската комора, адвокатската комора, за извршители, сметководители и така натаму. Направивме мапирање, станува збор за над 40. Сите ќе добијат решение, едно по едно ќе се решаваат. Се обидуваме сè да опфатиме и еднаш засекогаш да ја затвориме оваа тема“, најави вицепремиерот Сали.
Изнаоѓањето решение за употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит пред десетина дена беше тема на средба на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, со копретседателите на коалицијата ВЛЕН, Билал Касами и Изет Меџити. По средбата, како што беше наведено во соопштението од владината прес-служба, било потенцирано дека патот до напредок и меѓусебна доверба води преку заеднички, мудар и достоинствен пристап, и дека институциите активно работат на модел кој ќе биде целосно усогласен со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, а насочен кон обезбедување правна сигурност и функционалност на системот.
DW




