Претседателката смета дека на Македонија и е потребен нов авион

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова е на иста линија со премиерот Христијан Мицкоски, дека на Македонија ѝ е потребен нов, поголем државен авион за патувањата на државниот врв.

„Употребата на владиното авионче понекогаш овозможува функционално извршување на државните задачи, а е поевтино и од комерцијален лет“, изјави таа.

Сепак, додава дека не е пријатно да се лета со владиниот „лирџет“, за кој знае дека е стар 25 години, а бил купен и како половен авион.

Колку патувала претседателката со „лирџетот“
Според податоците од Службата за заеднички и општи работи, претседателката 13 пати летала со „лирџетот“ во периодот од јуни 2024 до декември 2025 година. Дестинациите вклучуваат Тиват, Подгорица, Тирана, Рим, Истанбул и Копенхаген.

„Колегите претседатели велат дека е порационално и поевтино да се има поголем авион, бидејќи со еден лет може да патуваат повеќе луѓе, вклучително и новинари“, додава Сиљановска Давкова.

Таа се пошегува дека регионалните лидери го нарекуваат владиниот авион „авиончето на браќата Рајт“, алудирајќи на неговата големина и старост. „Ај да ве насмеам – владиното авионче, моите колеги претседатели во регионот го нарекуваат „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро“, рече Давкова.

Браќата Рајт, Орвил и Вилбур, го изведоа првиот успешен лет на 17 декември 1903 година.

Мицкоски: Ќе се повлечеме од планот за нов авион
Дебатата се отвори по критиките од СДСМ, кои го обвинија премиерот за злоупотреба на државниот авион. На тоа, Мицкоски порача дека Владата ќе се повлече од планот за нов авион:

„Ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Ако се урнеме некаде, претпоставувам дека ќе стане јасно дека оваа дебата е беспредметна“, рече премиерот.

Мицкоски изминатиот период го користел авионот четири пати, а како пример го наведе враќањето од Сплит, кога го пропуштил летот на „Кроација ерлајнс“.

СДСМ бара одговори: Кој патувал со премиерот?
Од СДСМ побараа јавноста да дознае дали некој патувал со премиерот. Владата одговори дека никој од семејството на Мицкоски не патувал со државниот авион додека тој го користел за службени обврски.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека интересот на СДСМ за оваа тема ја отвора и расправата за користењето на авионот во време на поранешниот премиер Зоран Заев. „Очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДСМ. Самите се издаваат дека Заев летал со семејството во Амстердам и дека најчеста дестинација била Ниш“, велат од партијата.

Полемиката се води околу актуелното владино летало коешто е купено во 2005 година, а од 2017 досега се потрошени четири милиони евра за негови поправки.

 

 

DW