САД блиску до објавување на Коалиција за придружба во Ормускиот теснец

Соединетите Држави се блиску до објавување на Коалиција за придружба на бродови во Ормускиот теснец, објавија „Волстрит џурнал“(WSJ) и „Аксиос“, додека Иран предупреди дека не е блиску до откажување, а соседниот Ирак продолжи да ги чувствува последиците од војната.

„Администрацијата на Трамп уште оваа недела планира да објави дека повеќе земји се согласиле да формираат Коалиција која ќе ги придружува бродовите низ Ормускиот теснец“, објави „WSJ“ на 15 март, цитирајќи неименувани американски претставници.

Во извештајот се вели дека прашањето сè уште се дискутира и дека мисијата може да се промени во зависност од условите на бојното поле. Исто така, се вели дека потенцијалните учесници дебатираат кога ќе започне таква мисија, дали за време на непријателствата или само по прекин на огнот.

„Аксиос“, цитирајќи четири извори, подоцна објави и дека американскиот претседател Доналд Трамп се надева дека ќе го објави формирањето на коалиција во следната недела и дека размислува да го заземе стратешкиот остров Харг на Иран, кој американските сили го бомбардираа на 13 март, ако сообраќајот остане блокиран во теснецот.

Во претходна објава на социјалните мрежи, американскиот претседател Доналд Трамп изјави:

„Земјите од светот што добиваат нафта преку Ормускиот теснец мора да се погрижат за тој премин, а ние ќе помогнеме – МНОГУ!“

 

 

slobodnaevropa.mk