Се финализираат детали за евакуација на Македонци од OAE

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија синоќа соопшти дека македонската амбасада во Абу Даби во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на чартер летови за евакуација на македонските државјани.

Повикани се сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а кои досега не се пријавиле, во најкраток рок да се пријават на телефонскиот број +971 56 441 7532 или на е-пошта: [email protected].

„Безбедноста на македонските државјани останува наш највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за сите понатамошни чекори и услови за безбедна реализација на евакуацијата“, соопшти МНР.

Според податоците на МНР до вчера 473 македонски државјани побарале помош или информации преку претставништвата во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт и 12 лица од Бахреин.

Има дел македонски државјани кои се двоумат дали да се вратат. Аргументите се различни – од тоа дека во земјите каде престојуваат засега се чувствуваат безбедно, до образложенија дека не би сакале да ги остават работните места за кои вложиле напор да ги добијат.

Делумно финансирани операции
Евакуацијата е во фокусот на земјите во ЕУ, кои ќе имаат и делумно финансирани операции за репатријација од кризните подрачја.

„ЕУ почна да им помага на земјите-членки да евакуираат дел од нивните граѓани кои се заглавени на Блискиот Исток“, изјави за АФП еврокомесарката за меѓународна соработка, хуманитарна помош и одговор на кризи, Хаџа Лабиб.

Таа објаснува дека Италија бил правата што го активирала Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој овозможува делумно финансирање на операциите за репатријација. Истото го побарале и Словачка и Австрија. Италијанските власти планираат летови за репатријација на италијански граѓани од Египет и Јордан. Словачка побарала од Брисел помош за финансирање на два лета од Аман до Братислава, закажани за денес (4.2.) и утре. ЕУ финансира 75% од трошоците, ако најмалку 30% од патниците се од различна националност од онаа на државата што го доставила барањето. Ако процентот е под 30%, ќе се финансираат 50% од трошоците. Неколку земји, вклучувајќи ги Франција и Германија, започнаа или се подготвуваат да започнат евакуација на нивните граѓани со чартер летови.

Во телефонски разговор со министерката за надворешни работи на Бугарија, Надежда Нејнски, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис предложил бугарски граѓани во Оман да бидат евакуирани со лет организиран од грчката држава кој треба да се реализира денеска, а била изразена подготвеност за соработка и во идни напори за евакуација на бугарски граѓани од регионот на Блискиот Исток.

Неизвесно во туристичкиот сектор
Додека едни се подготвуваат за евакуација и враќање дома, други ги откажуваат патувања за март, април и мај, во кои се предвидени трансфери на аеродромите во некои од метрополите кои станаа цел на одмаздничка реакција од Техеран.

„Се откажавме од патување за Виетнам во април, бидејќи е предвидено преседнување во Доха. Можеби дотогаш многу нешта ќе се сменат, можеби ќе најде и друга алтернатива за рутата, но сега за нас е најсигурно да останеме дома. Никој не може да предвиди како ќе се развива ситуацијата“, објаснува двојка од Скопје.

Многу европски туроператори ги откажаа или одложија на неодредно понудите за патувања на Блискиот Исток по американските и израелските напади врз Иран. Засега никој не може да предвиди како и колку ескалацијата на конфликтот би можела да влијае врз туристичкиот сектор.

 

 

DW