Синдикалната битка ескалира: блокада пред Собранието

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изутринава два часа го блокираше Собранието со порака: „Добро утро на сите, освен на пратениците“.Протестот е прв од трите најавени блокади на институциите, со кои синдикатот врши притисок да се прифатат барањата за покачување на минималната плата и подобрување на работничките права.

ССМ со критики кон пратениците за блокирање на законот
Претседателот на ССМ, Славчо Трендафилов, ги обвини пратениците дека веќе две години го блокираат предлогот за зголемување на минималната плата и покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари.

Тој посочи дека денеска по 21 работник на две локации го блокирале пристапот кон Собранието за пратениците да не можат да пристигнат со сопствени возила и да не наплатуваат патни трошоци. „Многу од нив дошле порано само за да не се соочат со работниците, затоа што се срамат од нив“, изјави Трендафилов.

Дополнително, тој предупреди дека пратеничките плати би можеле да се зголемат за 12,6 проценти доколку Уставниот суд ја укине претходната одредба на Владата.

Обвинувања за пратенички привилегии
Трендафилов тврдеше дека пратениците се подготвени да ги намалат коефициентите на своите плати само за 9 проценти, но одбиваат зголемување на работничките плати.

„Нè обвинија дека е неуставно нивните плати да се намалат за 80 проценти. Но, како е уставно да ги намалат за 9 проценти, а не е уставно за 80?“, праша тој, повторувајќи дека пратениците „нечовечки“ се однесуваат кон работниците.

ССМ бара минималната плата да биде 600 евра и сите останати плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари. Доколку барањата не бидат прифатени во Собранието, синдикатот најави собирање 10.000 потписи за поднесување сопствен законски предлог.

Ниска излезност – поддршка од наставници и пензионери
И покрај бројните повици изминатите денови, слаб беше одзивот на протестите.

Филип Јовановски, наставник по македонски јазик од Битола во изјава за ДВ вели дека „работниците го поддржуваат протестот, но поради некоја причина се исплашиле и не излегле на блокадите“. Тој очекува наствниците да се охрабрат и сепак да го кренат гласот за повисока плата.

„Наставничките плати се многу мали и тие одговараат на нискоквалификуван работник насекаде во државата“, велат учесниците во протестот.

На протестите, покрај работниците учествуваа и пензионерите. Велат дека имаат минимална плата од 20 илјади денари, со која тешко се живее. „Да бев помлад и јас ќе заминев од државата“, вели Ристо Андоновски, учесник во блокадата пред Собранието.

Реакцијата на Владата – Мицкоски и Дурмиши со ставови
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека протестите имаат политичка заднина. Тој повтори дека Владата ќе го поддржи секое решение што ќе биде усогласено меѓу работниците и работодавачите.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, смета дека минималната плата е чувствителна тема и дека Владата не носи одлуки под притисок. Според него, се чекаат податоците од Државниот завод за статистика, а во март ќе има законско усогласување на платите од 1.500 до 2.000 денари.

Владата деновиве постигна договор со работниците во јавниот сектор за зголемување на платите на 11.000 административци.

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата денеска повторно го поднесе предлог- законот за измена на Законот за минимална плата, откако претходно бил вратен од претседателот на Собранието Африм Гаши поради технички недостатоци.

НСДП, пак, бара Владата да се откаже од луксузирањето и непродуктивните буџетски трошоци, со цел да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата. Партијата повика и приватниот сектор да покаже општествена одговорност, бидејќи „без соодветно платени работници нема долгорочна продуктивност и успех“.

 

 

 

DW