Од почетокот на годинава, Словаците повторно гледаат повисоки цени на храната. Веќе втора година по ред државата го зголемува даночниот товар на „нездрави“ производи со висок процент шеќер, а од оваа година и на оние со многу сол, како чипсот.
Ова го чувствува и 40-годишната Луција од Братислава. „Мојот сопруг и двете ќерки не можат да замислат ден без слатки. Сега купуваме помалку и бараме попусти“, вели таа за ДВ. Новиот „данок на шеќер“ значително се одразува на семејниот буџет.
Други граѓани, пак, го оправдуваат потегот: „Ако веќе се зголемуваат даноци, нека биде на нездрави работи како слатки, цигари или алкохол“, објаснува Татијана во изјава за ДВ.
Голем буџетски дефицит
Покрај инфлацијата и растот на цените на енергенсите, Словаците веќе две години се соочуваат со нови даноци за да се закрпи буџетот. Лани дефицитот надмина 5% од БДП, а до 2026 треба да падне на 4,2% – благодарение на нови даноци што директно ги погодуваат граѓаните. Во исто време, популистичката влада на Фицо субвенционира енергија и финансира скапи социјални програми, како тринаесетта пензија.
По данокот на засладени пијалоци воведен во 2026 година, кој според ТВ JOJ предизвика поскапување од околу 45%, оваа година се зголеми ДДВ на слатки и солени грицки – од 19% на 23%. Основните намирници остануваат со ДДВ од 5%. Владата очекува дополнителни десетици милиони евра.
60% од населението има прекумерна тежина
Словачка е меѓу европските земји со највисока стапка на дебелина – 60% од населението има прекумерна тежина.За време на пандемијата, земјата имаше трета највисока смртност во ЕУ поради оваа состојба. „Дебелината е тивок убиец“, предупреди министерот за здравство Камил Саско. Според податоците, 4% од децата имаат прекумерна тежина, а 2% се дебели.
Владата бара нови приходи, не здравје
Иако мерката може да се претстави како здравствена, владата тоа не го прави. Економистите сметаат дека ефектот врз здравјето ќе биде минимален. „Приходите од овие даноци ќе донесат околу 100 милиони евра, а дефицитот е 7 милијарди“, вели Радован Дурана од Институтот за економски и социјални студии. „Владата само собира ситни приходи – воведе дури и данок на чакал и песок“.
Опозицијата остро критикува: „Фицо се грижи само да остане на власт и да ги задржи пензионерите како гласачи“, изјави поранешниот претседател на парламентот Франтишек Миклошко.
DW




