Соjузниците на Украина ветија „цврсти“ безбедносни гаранции по завршувањето на војната со Русија

Официјални претатвници од повеќе од 30 западни земји од таканаречената „Коалиција на подготвените“ се договорија да обезбедат „политички и правно обврзувачки гаранции“ за Украина по постигнувањето мировен договор со кој би завршила војната со Русија.

Покрај украинскиот претседател Володимир Зеленски, на разговорите одржани на 6 јануари во Париз учествуваа и главните преговарачи на американскиот претседател Доналд Трамп — Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Коалицијата истакна дека „способноста на Украина да се брани е од клучно значење“ за безбедноста и на Украина и на Европа.

„Потврдивме дека обезбедувањето на суверенитетот и трајната безбедност на Украина мора да биде составен дел од мировниот договор и дека секое решение мора да биде поткрепено со силни безбедносни гаранции за Украина“, се наведува во соопштението објавено по состанокот.

„И Коалицијата на партнери и Соединетите Американски Држави ќе имаат клучна и тесно координирана улога во обезбедувањето на овие безбедносни гаранции“, се додава во соопштението.

Состанокот се одржа во услови на засилена дипломатска активност со цел финализирање на мировен предлог за ставање крај на најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна наваму.

 

 

 

slobodnaevropa.mk