Патот на Македонија кон Европската Унија е неоправдано долг и тоа не по вина на земјата – оцени хрватскиот претседател Зоран Милановиќ по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Загреб. Двајцата претседатели се согласни дека процесот на пристапување е неоправдано попречуван и дека од Македонија се бараат чекори кои не произлегуваат од Копенхашките критериуми.
Милановиќ: Се поставуваат барања што не се дел од европските правила
Милановиќ нагласи дека Македонија со години се соочува со условувања што не им биле поставувани на други земји-кандидати. „Се бараат отстапки што не се ни оправдани, ни дел од европското право. Што и да направите, доаѓа ново барање. Тоа личи на лицитација“, рече тој.
Тој додаде дека е време Македонија самостојно да процени дали членството во ЕУ „по секоја цена“ е патот што го избира. „Понекогаш тоа изгледа како обид да се убеди некој дека фикцијата е реалност. Македонија треба сама да реши што е најдобро за неа“, рече Милановиќ и додаде:
„Им посакувам на Македонија и на Македонците и на политичарите во Македонија најдобро сами да проценат, без туѓо менторство и уште полошо, без туѓа манипулација и управување, што е добро за нив. Пред пет, шест, седум години, не би го кажал ова. Денес го кажувам ова затоа што го гледам. Значи, има живот без Европската Унија, и успешен и целосно достоинствен живот“, рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател додаде дека иако ЕУ претставува значајна надградба, „куќата“ на секоја држава се нејзините сопствени темели, структура и стабилност.
Сиљановска-Давкова: Патот кон ЕУ се претвори во маратон со двојни стандарди
И македонската претседателка смета дека процесот на проширување е неоправдано забавен. „Кандидатскиот статус го добивме уште во 2005 година. Имаме дваесетина позитивни извештаи и препораки, а преговорите постојано се одложуваат,“ рече Сиљановска-Давкова.
DW




