Странска комисија откри сомнителни наоди во 9 од 13 кардиолошки операции

Странска комисија утврдила сомнителни наоди во девет од вкупно 13 анализирани случаи поврзани со кардиолошки операции, информира министерот за здравство, Азир Алиу. Според него, странските контроли биле насочени кон утврдување на евентуални непотребни операции или упатувања за хируршки интервенции во здравството.

Алиу соопшти дека кај четири пациенти Комисијата утврдила дека третманот бил медицински оправдан, навремен и спроведен согласно стандардите на клиничката пракса.

„Од анализираните случаи, кај дел од пациентите третманот бил целосно соодветен, додека кај останатите се утврдени сомнителни наоди во дијагностичката евалуација“, изјави министерот.

Несогласувања во документацијата и индикациите за операции
Во девет случаи, документацијата покажала несогласувања, особено меѓу ангиографските наоди од коронарографијата и официјалните медицински извештаи.

Овие разлики, според Комисијата, довеле до сомнителни индикации за кардиолошки операции, вклучително и ендоваскуларни и хируршки процедури.

Случаите одат во Обвинителство
Министерот Алиу најави дека сите предмети ќе бидат проследени до Владата, Јавното обвинителство и други надлежни институции.

Станува збор за случаи регистрирани и во приватни и во државни здравствени установи.

Овие странски контроли следуваат по изјавите на интервентниот кардиолог Сашко Кедев, кој во медиумско гостување алармираше за можни злоупотреби и непотребни интервенции во приватното здравство.

Министерството за здравство уште во ноември минатата година информираше дека од 25 пријавени случаи, анализирани биле 19 од страна на интерна комисија за кардиолошки операции.

 

 

DW