Денес, на 7 Мај – Денот на македонската полиција, им оддадовме признание на сите полициски службеници кои секојдневно, професионално и пожртвувано се грижат за безбедноста на граѓаните и стабилноста на државата.
Македонската полиција отсекогаш била и ќе остане еден од најсилните столбови на државноста и чувар на поредокот, сигурноста и достоинството на Македонија. Со длабока почит се сеќаваме и на сите полициски службеници кои го положиле својот живот бранејќи ја татковината и безбедноста на народот. Нивната жртва нè обврзува да продолжиме уште поодлучно, чесно и достоинствено.
Во изминатиот период покажавме дека државата има сила да се справи со криминалот и корупцијата. Намален е криминалитетот, сузбиени се организирани криминални групи, а институциите повторно ја враќаат довербата кај граѓаните. Особено е значајно што вкупниот криминалитет бележи намалување и е на најниско ниво во последните 20 години. Ефикасноста изнесува 67,2%, што исто така претставува највисоко ниво во истиот период.
Истовремено, инвестираме во модернизација на полицијата, нова опрема, нови возила, подобри услови за работа и услуги поблиски до граѓаните. Градиме модерна, професионална и европска полиција која ќе биде гарант на безбедноста и стабилноста на Македонија.
Нека е честит 7 Мај – Денот на македонската полиција.
Да живее македонската полиција.
Да живее Македонија.


