Трамп ги подготвува генералите за „војна“ во САД

Претседателот на САД, Доналд Трамп, им се обрати на врвните генерали и адмирали во земјата на ретка средба во вторникот (30.09), барајќи сите врвни воени лица распоредени низ целиот свет лично да дојдат во Квантико, Вирџинија.

Трамп изјави дека потпишал наредба за создавање воена единица за брз одговор на граѓански немири и нагласи дека војската ќе биде вклучена во неговата акција против неколку градови контролирани од Демократите.

„Еден по еден ќе ги доведеме во ред, а тоа ќе биде голема задача за некои од луѓето во оваа просторија. И тоа е војна – војна одвнатре“, рече Трамп.

„По трилиони долари потрошени за одбрана на границите на странски земји, сега, со ваша помош, ги браниме границите на нашата земја“, додаде тој.

Шефот на Пентагон, Пит Хегсет, кој го свика овој состанок минатата недела, ја предводи трансформацијата на американската војска на Трамп, а неодамна го смени името на институцијата од „Министерство за одбрана“ во „Министерство за војна“.

Хегсет на врвните воени лидери им рече дека премногу од нив се унапредуваат од погрешни причини, врз основа на раса, родови квоти и „историски првенства“.

„Ерата на политички коректно, претерано осетливо раководство кое внимава да не повреди ничии чувства завршува токму сега, на секое ниво“, истакна Хегсет.

„Станавме „Министерство на пробудени“, рече тој на почетокот на настанот во Квантико. „Но, веќе не“, додаде тој.

„Дебели генерали“
Хегсет најави големи промени во начинот на кој се постапува со жалбите за дискриминација и истраги за прекршоци, велејќи дека во сегашниот систем, врвните функционери на Пентагон „одат по лушпи од јајца“.

„Ако од овие мои зборови срцето ви тоне, тогаш треба да направите чесно нешто и да поднесете оставка“, рече Хегсет.

Тој се осврна и на стандардите за физички изглед и кондиција, велејќи дека ќе бидат воведени нови тестови за физичка кондиција: „Сосема е неприфатливо да се гледаат дебели генерали и адмирали во ходниците на Пентагон“.

 

 

 

 

DW