Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека тој и рускиот претседател Владимир Путин не постигнале договор за решавање на војната на Москва во Украина по речиси тричасовниот самит на Алјаска, иако средбата ја оцени како „многу продуктивна“.
„Се согласиfме по многу, многу точки“, рече Трамп на заедничката прес-конференција со Путин. „Би рекол дека има неколку големи прашања што сè уште не ги решивме, но постигнавме одреден напредок. Значи, нема договор додека не постои вистински договор.“
Прв им се обрати новинарите Путин, а потоа Трамп. По кратките изјави, двајцата лидери не одговараа на прашања од медиумите.
Засега не е јасно дали разговорите доведоа до значајни чекори кон прекин на огнот во најсмртоносниот конфликт во Европа во последните 80 години – цел што Трамп јавно ја постави, јавува Ројтерс.
Путин изјави дека очекува Украина и нејзините европски сојузници да ги прифатат резултатите од преговорите меѓу САД и Русија, и ги предупреди да не го „торпедираат“ напредокот кон решение.
Трамп и Путин, заедно со своите главни надворешнополитички советници, се сретнаа во просторија на воздухопловната база во Анкориџ, на Алјаска, на нивниот прв состанок од 2019 година. Зад нив стоеше сина позадина со натпис: „Стремеж кон мир“.
Главната цел на Трамп, според неговите јавни изјави, беше да обезбеди прекин на борбите и да го убеди Путин да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за директни преговори за крај на војната, која започна со руската инвазија во февруари 2022 година.
Трамп изјави дека ќе ги повика Зеленски и лидерите на НАТО за да ги информира за разговорите со Путин.
slobodnaevropa.mk




