Трамп се залага за договор за цивилна нуклеарна програма на Саудиска Арабија и покрај загриженоста на Израел

Во промената на политиката што ги вознемири функционерите во Израел, Соединетите Држави под водство на претседателот Доналд Трамп повеќе не ги условуваат цивилните нуклеарни амбиции на Саудиска Арабија со нормализацијата на одосите со Израел.

Овој потег, првпат објавен пред посетата на Трамп на Ријад на 13 мај, означува остро отстапување од пристапот на администрацијата на Бајден, која ја поврза нуклеарната соработка и безбедносните гаранции со поширок регионален договор што вклучува израелско-палестински мировни напори.

Под водство на Бајден, саудиските нуклеарни разговори беа поврзани со напредокот во разговорите за нормализација на дијалогот со Израел, при што Вашингтон се надеваше дека влијанието на Ријад би можело да помогне да се извлечат отстапки од Израел за воспоставување палестинска држава.

Но, со ефикасно замрзната нормализација – главно поради војната во Газа и инсистирањето на Саудиска Арабија за палестинска државност – администрацијата на Трамп се одлучи за „потрансакциски“ пристап.

Ова раздвојување некои го сметаат за одраз на приоритетите на Трамп.

Грегори Бру, виш аналитичар во групата Евроазија со седиште во Њујорк, вели дека промената на политиката „не е премногу изненадувачка“ со оглед на заедничкиот интерес на Вашингтон и Ријад за воспоставување поблиски врски.

Тој за Радио Слободна Европа изјави дека, засега, саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман е задоволен со „добивање масовна продажба на оружје и усна обврска за помош на Саудиска Арабија доколку биде нападната“, дури и кога нормализацијата останува надвор од масата сè додека „не се реши ситуацијата во Газа и не се постигне напредок кон палестинска држава“.

За Трамп, економските резултати се чинат најважни и Саудијците се чини дека го разбираат тоа.

 

 

slobodnaevropa.mk