Во Обединетите Арапски Емирати, со посредство на САД, се завршени преговорите меѓу Украина и Русија во трилатерален формат. Делегациите отпатуваа за да ги усогласат позициите разработени во Абу Даби. Можно е делегациите наскоро да се вратат на преговарачката маса. Ова го објави украинскиот претседател Володимир Зеленски по состанокот одржан во петокот и во саботата (23 и 24 јануари).
„За првпат по долго време, имавме ваков формат – дводневни трилатерални разговори. Успеавме да разгледаме многу работи и важно е преговорите да бидат конструктивни“, напиша Зеленски на социјалните мрежи. Според него, фокусот на разговорите бил на „можните параметри за завршување на војната“.
„Многу го ценам фактот дека постои свест за потребата од американски надзор и контрола при завршување на војната и обезбедување вистинска безбедност. Американската страна го покрена прашањето за можни формати за одредување на параметрите за завршување на војната и безбедносните услови потребни за тоа“, рече Зеленски.
Напади за време на преговорите
За време на преговорите, ноќта на 24 јануари, врз Украина беа извршени нови масовни руски ракетни и напади со дронови. Москва повторно ја таргетираше енергетската инфраструктура во Киев, Харков и Чернигов, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија.
„Путин цинично нареди брутален масовен ракетен напад врз Украина токму во моментот кога делегациите се собираа во Абу Даби за да го унапредат мировниот процес под покровителство на САД. Неговите ракети ги погодија не само нашите граѓани, туку и преговарачката маса“, напиша украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на социјалната мрежа X, коментирајќи ги руските напади и рускиот претседател Владимир Путин.
DW




