Унгарија: Путин му помага на Орбан за изборна победа

Малата црна плоча на фасадата на куќата број 99 на авенијата Андраши во Будимпешта потсетува на епизода од ноември 1956 година, кога советските трупи ја нападнале Унгарија и брутално ја потиснале антикомунистичката револуција. Но, некои советски војници одбивале да учествуваат во масакрот на унгарските борци за слобода – и затоа биле застрелани. На соседите во палатата отспротива потсетникот веројатно не им се допаѓа. Егзекуциите се случиле таму, во тогашната зграда на советската амбасада, а денес таму е амбасадата на Руската Федерација во Унгарија. Некои руски функционери сè уште Унгарската револуција од 1956 година ја сметаат за „фашистичко востание“. Русија, која во многу погледи се смета за наследник на Советскиот Сојуз, никогаш не се извини за 1956 година. Речиси седумдесет години подоцна, се чини дека зградата на амбасадата повторно е во тажна улога. Таа наводно служи како еден вид московски команден центар во унгарската предизборна кампања. Во соработка со унгарскиот премиер Виктор Орбан, неговата влада и неговата партија Фидес, од таму наводно се водат кампањи со клевети против опозицискиот кандидат Петер Маѓар. На тоа укажуваат информации од разни истражувачки новинари, како и протекувања од седница во унгарскиот парламент.

„Политички стратези“ во Будимпешта?
Со месеци е јасно дека парламентарните избори на 12 април ќе бидат и референдум за идната ориентација на Унгарија кон Исток или кон Запад. Но, неодамнешните случувања уште повеќе ја креваат тензијата. Јавните изјави на рускиот диктатор Владимир Путин во врска со Унгарија, како и прикриеното влијание од Русија, покажуваат дека унгарските избори дефинитивно станаа европско и геополитичко прашање. Се работи за припадноста на Унгарија кон Европа и Западот, или кон Русија. Минатата недела прво унгарскиот истражувачки новинар Саболч Пањи од порталот Всквер, повикувајќи се на извори во европските разузнавачки агенции, објави дека тричлен тим од т.н. политички технолози отпатувал во Унгарија за да му помогне на Орбан да обезбеди уште една победа на парламентарните избори на 12 април.

Во Русија „политички технолози“ ги нарекуваат политичките консултанти кои со децении ги организираат изборните победи на Путин.

 

 

DW