Оваа учебна година во училиштата се запишани вкупно 245.000 ученици, 177.800 во основно и 67.200 во средно образование. Само за последните 10 години, бројот на ученици е намален за 27.000 илјади, поради иселувањето и пад на наталитетот. Министерството за образование за учебната 2025/2026 најави учебници за сите и вештачка интелигенција во наставата.
Ниту едно прваче годинава не е запишано во основното училиште „Видое Подгорец“ во Колешино, во струмичката општина Ново Село, која има 16 населени места и околу 11.500 жители, според пописот од 2021 година.
Првачиња не се запишани ни во подрачните училишта во селата Мокриево и Мокрино.
„Првпат се случува ниту едно дете да не се запише во прво одделение во ова училиште. Претходната година имавме 36, годината пред неа беа 32 ученици. Намалувањето на бројот на првачиња се должи на едно масовно исселување пред пет-шест години. Тие родители, чии деца сега треба да бидат првачиња, заминуваа главно во Швајцарија. Но, во последните три години иселувањето е намалено, благодарение на тоа што почнавме голем инвестициски циклус со швајцарски компании, па веќе имаме и луѓе кои се враќаат од Швајцарија и од Германија и сакаат да работат во општината“, изјави Ѓорѓе Божинов, градоначалник на Ново Село, за Радио Слободна Европа.
slobodnaevropa.mk




