Денеска беше означен значаен момент за државата со формирањето на Советот за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – тело кое треба да ја предводи трансформацијата на Македонија во земја базирана на знаење, наука и модерна, конкурентна економија.
Од Владата порачаа дека станува збор за стратешки механизам кој нема да биде само формалност, туку инструмент за суштинска промена. Целта е науката, истражувањето и дигитализацијата да станат клучни двигатели на економскиот раст и развој.
На првата седница на Советот беше усвоен и клучниот документ за наредните четири години – Четиригодишната програма за поттикнување на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемништвото. Програмата предвидува системска поддршка на иновативниот екосистем, почнувајќи од иницијалната идеја, преку истражувачко-развојните фази и пилот-проекти, до целосна комерцијализација на производите и услугите.
Премиерот истакна дека Владата презема целосна одговорност за спроведување на оваа трансформација, изразувајќи уверување дека преку заеднички напори ќе се изгради посилна, поиновативна и поразвиена држава која ќе создава можности за сегашните и идните генерации.




