Во среда, 11 февруари, веројатно последен пат во оваа рунда на тарифни преговори – ќе се преговара за платите на вработените во покраинските јавни служби во Германија. Со цел да го зголемат притисокот врз работодавачите, синдикатите повикаа на предупредувачки штрајкови речиси во целата земја. Единствен исклучок е покраината Хесен.
Најпогодени се универзитетските клиники, високошколските установи и управите за изградба на патишта. Во некои сојузни покраини се штрајкува и во градинките и училиштата.
Во покраината Баден-Виртемберг на штрајк беа повикани сите покраински институции, меѓу нив универзитети, високошколски установи, студентски центри, зоолошката градина „Вилхелма“ во Штутгарт, музеите и покраинските органи.
Во Баварија вчера (10.02) штрајкуваа вработените во универзитетските клиники, како и оние на универзитетите и некои високи школи. Покрај тоа, Полицискиот синдикат (ГдП) повика на протест, меѓу другото и во централната служба за парични казни. На прекин на работата беа повикани вкупно околу 150.000 вработени.
Прекин на настава во Тирингија
Штрајкови имаше и во покраината Тирингија, каде делумно отпадна наставата и работата на установите за згрижување.
На прекин на работата беа повикани и вработените во покраината Северна Рајна-Вестфалија. На демонстрации пред покраинскиот парламент во Диселдорф се собраа вработени во училиштата, универзитетските клиники, полицијата, покраинските органи, правосудството и покраинската администрација.
Штрајкови има и во Долна Саксонија и Бремен. Погодени беа, меѓу другото, универзитетските клиники, операторот на пристаништа НПортс и покраинските управи за изградба на патишта.
Ова е првпат во актуелниот тарифен спор да се штрајкува во сите области на ист ден, изјави портпарол на синдикатот Верди.
DW




