Во Словенија денес се одржува вториот круг од претседателските избори на кои Словенците бираат нов шеф на државата, а кандидати за таа функција се Анже Логар и Наташа Пирц Мусар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ова се седми избори на кои Словенците го избираат петтиот претседател од прогласувањето на независноста на државата. Гласачките места низ Словенија се отворени од 7 до 19 часот, а прелиминарните резултати се очекуваат неколку часа подоцна.
Право на глас имаат скоро 1,7 милиони гласачи, а вториот круг од изборите е организиран затоа што во првиот круг на 23 октомври ниту еден од седумте кандидати не освои повеќе од половина од гласовите, и во продолжението на изборната трка останаа двајцата кандидати со најмногу гласови од првиот круг.
Кандидатот кој во првиот круг освои 33 отсто од гласовите, Анже Логар, е актуелен претставник во Националното собрание (Парламентот) на Словенија, кој беше кандидиран од Романа Јордан и група избирачи, а ја има поддршката и од неговата Словенечка демократска партија (СДС). Логар беше министер за надворешни работи на Словенија за време на мандатот на десничарската Влада на Јанез Јанша.
Неговата опонентка во изборната трка е докторката по правни науки Наташа Пирц Мусар, која беше кандидирана од Бисерка Маролт Меден и група избирачи. Таа во првиот круг освои 26 отсто од гласовите и се надева дека со поддршка на левиот и либералниот блок ќе победи во вториот круг и ќе стане првата жена на чело на Словенија.
Последните анкети даваат блага предност на кандидатката Пирц Мусар, која е поранешна новинарка и угледна адвокатка која неретко ја нарекуваат „челичната лејди“. Како независна кандидатка на овие избори, оваа 54-годишна љубљанчанка ја поддржуваат поранешните словенечки претседатели Милан Кучан и Данило Турк, како и нејзиниот сопруг Алеш Мусар, еден од најбогатите Словенци.
Мандатот на претседателот на Словенија трае пет години, а функцијата е ограничена на два последователни избори.
Според словенечкиот Устав, функцијата претседател на републиката е, на прв поглед, протоколарна, дури и симболична, бидејќи нема извршна власт. Но, функцијата шеф на државата е многу важна бидејќи шефот на државата со своите мислења и постапки може да влијае на кредибилитетот на политичкиот простор во поширока смисла.
Досега функцијата претседател на Словенија ја извршуваа Милан Кучан (два мандата) од 1992 до 2002 година, Јанез Дрновшек од 2002 до 2007 година, Данило Турк од 2007 до 2012 година и Борут Пахор (два мандата) од 2012 до 2022 година.
извор:Агенција Анадолија (АА).