Словенија ја доби првата жена претседател

По преброени 92 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори во Словенија, резултатите покажуваат дека победи Наташа Пирц Мусар, независна кандидатка која го застапува политичкиот центар, адвокатка и бранителка на човековите права.

Според сѐ уште неофицијалните резултати, таа освоила 53,98 отсто од гласовите на избирачите, додека нејзиниот конзервативен противкандидат, Анже Логар доби поддршка од 46,02 отсто од гласачите. Логар ѝ честиташе на Пирц Мусар, објавувајќи дека Словенија ја доби првата жена на позицијата шеф на држава.

54-годишната Пирc Мусар e адвокатка специјализирана за заштита на личните податоци, која ја застапуваше и сопругата на поранешниот американски претседател, Словенката Меланија Трамп. Новата словенечка претседателка е позната и како застапничка за правата на ЛГБТ популацијата. Работела за Советот на Европа 15 години како експерт за човекови права.

За Пирц Мусар, кој ја доби поддршката од гласачите на владејачките партии, центарот и левицата, во првиот круг од изборите на 23 октомври гласаа 26,85 гласачи. Тогаш најмногу гласови доби Логар (33,96 отсто), кој беше кандидат на десничарската Словенечка демократска партија на Јанез Јанша.

Откако во првиот круг кандидатот на владејачката коалиција Милан Брглез го освои третото место, премиерот Роберт Голоб ја поддржа Пирц Мусар, со изјава дека „не треба да се дозволи кандидатот на СДС да влезе во претседателската палата бидејќи тоа ќе ја врати Словенија во „мрачните времиња“ на Јанез Јанша“.