Арктичка зимска бура, која го зафати поголемиот дел од централните и северните делови на САД, досега одзеде најмалку 48 животи, а подрачјата се покриени со рекордна снежна прекривка, известува Агенција Анадолија (АА).
„Сезоната Божиќ 2022 година донесе снежна бура од која 60 отсто од населението на САД се соочуваат со некакви зимски проблеми, како и екстремно ниски температури и услови“, објавија Fox News и CNN.
Снегот зафати поголем дел од земјата, и тоа од Апалачките планини до јужната граница со Мексико.
Американците поради стравот од обилни врнежи од снег ги испразнија рафтовите во маркетите и тезгите на пазарите. Според локални извори, имало и грабежи во супермаркетите.
Најмалку 27 лица починаа во округот Ири, во сојузната држава Њујорк, како резултат на големата снежна бура која изминатите денови го зафати поголемиот дел од САД, соопштија официјални лица од округот.
Милиони луѓе во САД останаа без електрична струја поради снежната бура. Марк Полонкарц, официјален претставник на округот Ири во американската сојузна држава Њујорк, изјави дека 94 отсто од куќите и работните места во округот се без струја.
„Ова е ужасна ситуација“, рече Полонкарц.
Некои жители на градот Бафало, заглавени од снежната бура, Божиќ го прославиле во противпожарните центри.
Службите за брза помош во повеќе градови, од Мејн до Сиетл, спречени се да ја извршуваат својата работа поради ниските темпратури, големите снежни наноси и затрупаните возила. Во повеќе сојузни држави дојде до прекин на снабдувањето со електрична енергија.
Аеродроите се затворени, а Бафало, Денвер и Детроит се само некои од големите градови во кои авио-летовите се откажани.
Интернет страницата „FlightAware“ која ги следи секојдневните доцнења и откажувања на авио-летовите, објави дека на Божиќ се откажани 4.937 летови, а доцнеле 16.869 летови. Вчера регистрирано е откажување на 4.190летови и 13.047 доцнења на летови.
Националната метеоролошка служба најави дека временските услови би требало да се подобрат од денес.
Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА).