Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески по една година повторно го актуелизираше прашањето за законски измени со кои ќе им се овозможат механизми за ограничување на банкарските провизии и подобра заштита на корисниците на платежните услуги.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Славески вели дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат граѓаните и компаниите, па оттука прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна и институционална дебата.
Народната банка без директна надлежност
„Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира провизиите што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања укажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји“, истакна Славески.
Тој додава дека во значителен број европски држави постојат механизми за ограничување на банкарските трошоци, кои обезбедуваат фер и предвидливи услови за граѓаните и компаниите.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, одговарајќи на новинарски прашања во однос на можноста да се ограничат банкарските провизии, денеска рече дека „надоместоците не се дел од законска материја, ниту некогаш биле“.
Реакции по зголемувањето на банкарските трошоци
Повикот на Славески доаѓа откако неколку банки најавија зголемување на провизиите за услугите во платниот промет, што предизвика негативни реакции во јавноста.
Особено загрижува што во повеќето случаи станува збор за двоцифрени процентуални зголемувања. Според гувернерот, во моментот не постојат оправдани економски причини за ваков потег.
Кои провизии треба да се намалат или укинат
Темата станува повторно актуелна откако Славески лани побара од банките да се намали надоместокот за одржување на сметка, да се укине наплата за електронско банкарство, и да се намали таксата за подигање готовина на банкомати. На ваквиот повик тогаш одговорија најголемите банки во земјата.
Идејата беше да се намалат надоместоците за одржување сметки за компании, да се укинат провизии за електронско и мобилно банкарство, како и надоместоци за интерни плаќања во рамки на една банка. Исто така, требаше значително да се намалат провизиите за меѓубанкарски плаќања (КИБС и МИПС), како и трошоците за подигање готовина од банкомати.
Дополнително, требаше да се намалат и провизиите што банките ги наплаќаат од трговците за прифаќање картички.
Според податоците од 2024 година, нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 проценти во вкупните нето-приходи на банките.
DW




