Во Србија потврдено богато наоѓалиште на злато

На локалитетот Чока Ракита во општината Жагубица на истокот на Србија е потврдено богато наоѓалиште на злато, потврди денес со соопштение српското министерство за рударство и енергетика.

Како што се наведува во соопштението, прелиминарните резултати на технолошките истражувања покажуваат дека е можно да се произведе чист концентрат на злато, со вкупно искористување на златото поголемо од 93 отсто.

Министерката за рударство и енергетика на Србија Дубравка Џедовиќ порача дека потенцијалните резерви се значајни од аспект на количеството руда, содржината на злато, што може да биде од големо значење за економијата на земјата, особено за регионот источна Србија.

„Она што треба да се напомене е дека проектот е во фаза на истражување, дека е потребно преку нови истражувања да се потврдат овие добри резултати, а потоа да се изработи елаборат со кој ќе се изврши верификација на ресурсите и резервите“, кажа Џедовиќ.

Како што се наведува во соопштението, ова потенцијално наоѓалиште им дава дополнителна вредност на лежиштата веќе детектирани на проектот Тимок кај Жагубица, кој се реализира од страна на канадската компанија Данди прешс металс инк која ја објави веста за новото наоѓалиште на злато.

mkd.mk