Најмалку четиринаесет лица, меѓу кои и членови на полициски агенции и вработени во правосудните органи на БиХ, биле поврзани со криминални структури во таа земја и за тоа ќе бидат кривично гонети, објавија медиумите во БиХ.
Обвинителството на БиХ потврди дека благодарение на дешифрирањето на пораките од специјалната телефонска апликација Скај, извршено со поддршка на странски полициски агенции во текот на изминатата година и половина, идентификувани се околу 100 членови на различни групи вклучени во организиран криминал. Меѓу нив имало полицајци, судија, вработен во Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА), вработен во државното обвинителство, најмалку еден адвокат и поранешен советник во Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина.
Поднесени се две обвиненија, а во наредните месеци се очекува да бидат поднесени уште обвиненија“, се вели во соопштението на Обвинителството на БиХ.
Главниот обвинител Миланко Кајганиќ во неделата изјави дека сега е целосно јасно дека криминалците имале свои луѓе инфилтрирани во полицијата и правосудните институции кои ги информирале за истрагите. Овие лица ги известиле криминалците дека се подготвува нивно апсење, па успеале да побегнат од државата.
Сараевскиот „Дневни аваз“ во понеделникот објави дека Споменка Маркуљ, која беше задолжена за врска со Европол во Граничната полиција на БиХ, исто така е идентификувана како лице поврзано со криминални мрежи.
Весникот наведува дека таа е отстранета од функцијата затоа што се обидела да ги попречи истрагите, односно да влијае како Граничната полиција ќе ги проверува податоците собрани по дешифрирањето на апликацијата Скај. Со ова таа наводно се обидела да заштити компромитирани припадници на оваа полициска агенција.
Од Граничната полиција експлицитно не потврдија дека Маркуљ сега е под истрага, но потврдија дека се води посебна истрага.
index.hr