Хипици сместени во Маврово го исчистиле ѓубрето во околината

Голем број на хипици од различни земји во светот од средината на јули престојуваат во шатори во Националниот парк Маврово, покрај Мавровско Езеро, што предизвика бурни реакции од локалното население.

Поплаки дека групата која ќе остане таму се до 17-ти август врши физиолошки потреби во шумата, пали оган, организира журки и изведува разни ритуали, пристигаат од мештаните, кои прашуваат како се дозволило стотици хипици да се сместат во Национален парк, посебно во летен период кога се актуелни шумските пожари, и на социјалните мрежи се бара нивна дислокација.

Сепак, како што соопштуваат од ЈУНП Маврово, Маврови Анови, овие поплаки барем досега, се покажале како неосновани.

Полициски службеници и службите од паркот често биле присутни на терен и не регистирирале неправилности, туку се изненадиле од генералното чистење на теренот кое го направиле хипиците.

-Локалитетот Црн Камен освен од сопствениот комунален отпад, исчистен е целосно од повеќе годишниот отпад околу и под грмушките од присутните што е за поздравување, и во меѓувреме побарана е зачестена интервенција од Комуналното претпријатие за собирање на комуналниот отпад кој што е уредно собран во најлонски вреќи и изнесен на локалниот пат за лесно да може да се собере и транспортира- информираат од Националниот парк.

Појаснуваат дека хипиците не се сместени во шумата, каде е забрането движење, туку на простор околу езерото.

 

 

fokus.mk