Ковачевски: Безбедноста во државата не е работа на јавноста, туку на безбедносните разузнавачки и контраразузнавачки служби

Властите во земјава не споделуваат повеќе детали околу протерувањето на тројцата руски дипломати и рускиот свештеник од Македонија. Откако тоа го направи Скопје, потоа и официјална Софија го протера свештеникот Васијан Змеев. Бугарскиот член на Владата, Асен Василев, откри дека македонските институции споделиле информации со колегите од Бугарија, објави Република.

Меѓу информациите, според Василев, од Скопје кажале и дека свештеникот врбувал македонски државјани. Инаку, според пишувањата на дел од медиумите, свештеникот Змеев минатата година зачестил со посети во земјава и остварувал средби со претставници на Македонската православна црква. Од Синодот на МПЦ не споделија детали за случајот. Денеска премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање, не откри каква била улогата на рускиот свештеник во земјава и дали евентуално врбувал свештени лица за да работат за руски интереси.

– Информации во однос на одлуки коишто се однесуваат на безбедноста во државата и нормално, согласно со сите закони вклучително и Законот за странци не може да се коментираат на прес-конференција, туку тие се дел од информации и постапки коишто се дел од работата на безбедносните разузнавачки и контраразузнавачки служби, рече Ковачевски.

Претходно, претседателот Стево Пендаровски во интервју за Гласот на Америка оцени дека билатералните односи со Русија се на најниско можно ниво. Претходно тој искоментира дека рускиот претседател Владимир Путин неспорно ја користи црковната дипломатија како една од своите алатки во светот да ја оправда војната во Украина.

Протерувањето на рускиот свештеник Васијан Змеев, временски коинцидираше со прогласувањето на тројца руски дипломати од Амбасадата во Скопје, за „персона нон грата“.

Одлуката на дипломатите им била соопштена на 12-ти септември. Вчера министерката за одбрана Славјанка Петровска откри дека руските дипломати се обиделе или сакале да се вмешаат во стратешките и националните интереси на нашата држава.

извор: Република