Димитриевски: Движењето ЗНАМ – За наша Македонија заедно со граѓаните ќе ги врати темелите на македонската државност

0
116

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски вчера во Скопје заедно со 10 граѓански здруженија од повеќе градови во Македонија ја потпиша Иницијативата за формирање на новиот политички субјект Движење ЗНАМ – За наша Македонија, чија што основна цел ќе биде враќање на темелите на македонската државност, заштита на интересите на македонската држава, македонскиот народ и сите етнички заедници кои живеат во Македонија.

“Идеолошките темели на нашето движење се Илинденските и Асномските принципи и референдумските одлуки на граѓаните на Република Македонија за нејзино осамостојување како независна и суверена држава. Но притоа, на тој пат ќе мора и да учиме. Особено ние Македонците да учиме од нашите сограѓани Албанци, да постигнеме национален консензус на македонските граѓани во оваа држава, бидејќи ако не го направиме тоа, ќе не нема. Нашата цел е да ги обединиме граѓаните”, јасно порача идејниот творец на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Пред присутните на настанот се обрати и Катерина Тодороска од Институтот за национална историја која говореше за важноста на нашата историја како учителка на животот, напоменувајќи дека низ тридецениската историја на македонската самостојност, граѓаните видоа многу лоши нешта. 

Во македонската историја има три најважни датуми, камен темелници на нашава независна држава. Првиот е Илинден, вториот 11 Октомври, третиот АСНОМ. Првиот сакаат да ни‘ го оскрнават, вториот да го избришат, третиот го избришаа. А држава без историја градена врз камен-темелници, не постои. Можеби бришејќи ги македонските камен-темелници треба да значи и бришење на македонската држава. Многу работи дозволивме, но повеќе не смееме. Веќе е прескапо. „Денес, утре ќе биде вчера“. Ова што ние го правиме денес, утре ќе биде историја, а тоа значи дека денес ние почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја за утре, за иднината”, изјави професорката Тодороска.