Бубе-момче со оштетен слух продава цвеќе за да помогне на Александар кој боледува од рак

Момче со оштетен слух, по име Бубе, собира материјални средства со продажба на цвеќиња кои ги негува, за да му помогне на друго момче, по име Александар кое пак, боледува од канцер на лимфни жлезди и треба да отпатува на операција во Турција. И двете деца имаат потреба од поддршка од државните институции која, за жал, не ја добиле. Оваа трогателна животна приказна нè донесе до мајката на Бубе, Валентина Дукова, која си ја отвори душата во разговор за „Еспресо“.

Инаку, ова не е првпат Бубе и неговото семејство да донираат за хумани цели. Семејството се занимава со пчеларство (Пчеларник Дукови), па донираат мед со матичен млеч секогаш кога е потребно за едно детенце од Скопје на кое пак, треба да му се изврши трансплантација на срце, а докторите му препорачале да користи мед со матичен млеч за зголемување на имунитетот.
– Бубе се роди здраво дете , но веднаш потоа, заедно со уште две бебиња добија инфекција во болницата во Велес, и поради лекарска грешка последица на тоа беше оштетување на слухот на двете уши
– Благодарение на секојдневната рехабилитација во Центарот за слух и говор во Скопје, тој сега нормално функционира, зборува, но ги носи најсилните апарати и со нив слуша. Државата ништо не партипицира за неговите слушни апарати, во нивната програма има помагала за лица со мало оштетување на слухот, а тие на Бубе воопшто не му помгаат, додека за посилни слушни апарати не партиципира ништо. Сè е на наш товар, а чинат над 1500 евра.
– Бубе е многу емотивно момче, сака секому да помогне и пресреќен е кога ќе израдува некој. Тој има повеќе свои хобија , како што се грижата за животните, за цвеќињата, црта портрети …Многупати ги изненадува своите пријатели, роднини, со портрет за некој нивни повод. Така беше и овојпат. Бубе си одгледува цвеќиња , најмногу циклами и кактуси, а по разговор со својот брат Никола дека се собираат пари за неговиот уличишен другар Александар Планојевиќ, кој боледува од канцер на лимфни жлезди, и дека треба на 19 март да замине за Турција кадешто треба да му се изврши трансплатација на коскена срж, веднаш донесе одлука. Така, сите свои цвеќиња наместо да ги продава за себе, ги објави за продажба, но без цена, значи, кој колку сака да донира и сите собрани средства да ги уплати за Александар. Објавата беше во Фејсбук групата Дворчето, бидејќи таму има многу свои обожаватели, бидејќи таму е најредовен со свои објави и совети за цвеќиња. И веднаш се јавија многу членови од групата и наши сограѓани, покрај тоа што купуваа цвеќиња многу и донираа на бројот за донација …А и објавата на Бубе беше споделена од над 100 членови на групата.
– Бубе има околу 50 саксии за продажба и речиси сите ги продаде за два дена, но сега веќе се на продажба нови саксии со цвеќе. Парите од првата акција веднаш беа уплатени на донаторската сметка за Александар, така ќе биде и со оваа втора акција на продажба на цвеќе. Александар, откако ја прочитал објавата на Бубе , веднаш му напиша порака, му се заблагодари многу, кажа дека не можел а да не се расплаче. Најмногу го трогнало тоа што момче кое исто така чека државата да му ги реши проблемите за набавка на неопходните слушни апарати, веднаш одлучиило несебично да ги донира своите цвеќиња за друго момче, да собере колку може повеќе средства кои за него многу значат.
– Да, сè споделуваат меѓусебно, маките и проблемите со кои се соочуваат, но решение не можат да најдат, бидеејќи државата нема слух за нив, ја раскажува приказната за Бубе, неговата мајка.