Благодарствена монашка средба со Митрополитот г. Тимотеј

о повод претстојниот голем јубилеј на нашата монашка заедница – триесет години од замонашувањето на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј и возобновата на монашкиот живот, денеска браќата монаси од Бигорски и сестрите монахињи од Рајчица и Пречиста, заедно со Старецот, го посетивме нашиот драг Митрополит, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј Дебарско-кичевски, во неговата Света Митрополија во Охрид.

Целта на нашата посета беше да му се заблагодариме на нашиот монахољубив архипастир што точно пред 29 години го повика и на 5 август 1995 година го замонаши нашиот Старец, благословувајќи го неговиот иден подвиг за обнова на Бигорски и на монашкиот живот општо. Всушност, со неговиот благослов започна сè.

На срдечната средба во големиот синодикон на Светата Митрополија, на која освен Митрополитот присуствуваа и секретарот на Епархијата протопрезвитерот-ставрофор г. Никола Христоски и протоѓаконот г. Николче Ѓурѓиноски, од името на нешто братство и сестринствата, на дедо Тимотеј му беше подарен архијерејски жезол во знак на благодарност за неговата пастирска грижа за монаштвото, за манастирите и за развојот на црковниот живот.

Владиката г. Тимотеј ја изрази својата голема благодарност за посетата и за вниманието и уште еднаш го испрати својот архипастирски благослов на нашите монашки заедници.

Од благодарност и признателност кон Високопреосвештениот Дебраско-кичевски за неговото христољубиво дело, беше подготвено и монашко послание, кое од името на сите браќа и сестри, пред дедото, со возвишени чувства и со длабоки емоции, го прочита нашиот постар собрат архимандритот г. Макариј:

Ваше Високопреосвештенство, наш возљубен архипастиру,

Најнапред Ви благодариме што благоволивте да нè примите сите во Светата Митрополија на нашата богочувана епархија Дебарско-кичевска, којашто Вие со голема посветеност и мудрост ја раководите повеќе од четири децении, со бројни и светли дела зад Вас. Токму едно од тие богоугодни и најсветли дела е поводот за нашето изненадно доаѓање тука.

Имено, одлучивме да допатуваме денеска кај Вас, за сите заедно и лично да Ви ја изразиме својата света и вечна благодарност, што точно пред 29 години, според Божјиот спасителен Домострој, ја положивте Вашата света пастирска десница врз главата на нашиот Старец и татко во Христа, Вашиот викарен епископ г. Партениј Антаниски, и го извршивте врз него ангелопријатниот монашки потстриг. Со тоа дело Вие станавте, всушност, еден од најплодотворните монахољубиви архиереи на Господа Исуса Христа, не само во нашата помесна православна Црква, ами и многу пошироко, затоа што преку Вашите молитви и благослови, во продолжение од три десетлетија, од Старецот духовно се изнедрија многубројни монаси, монахињи, свештеници и посветени Христијани. Впрочем, сите ние до еден сме ја примиле монашката схима од Вашите родителски раце и сите наши браќа свештенослужители биле посветени во свештените чинови од дарот на апостолството што пребива во Вас. Па така, по толку монахољубиви дела од Ваша страна, Вие денес можете слободно и со достоинство да исповедате пред земската и небесната Црква: „Еве ме мене и децата мои што ми ги даде Бог“. Тоа Ве прави најбогат владика во очите на народот Божји.

Ваше Високопреосвештенство, од денес практично започнува јубилејната триесетта година откако со Ваш благослов повторно започна монашкиот живот во Свештениот Бигорски Манастир, што претставува Ваша слава и пофалба. Токму затоа смирено ги просиме Вашите архипастирски молитви и благослови за достоинствено одбележување на овој голем за нашата Црква јубилеј, како и за понатамошно благоуспевање и зголемување на нашата монашка заедница. Нашиот Старец Епископот г. Партениј нè воспитал да негуваме свештена љубов и почит кон Вас и секогаш да ја имаме Вашата монахољубива личност во нашите скромни молитви кон Оној Кому верно Му служите, дародавецот Христос Бог. Ние Ве гледаме како Негов образ, апостол пратен за да го напасува со родителска љубов и грижа Неговото словесно стадо. Затоа, како симболика на тоа, Ве замолуваме да го примите од нас овој скромен по вредност, но скапоцен по значење дар – архиерејски жезол, што Ви го принесуваме со синовска благодарност и со најтопли и срдечни благопожелби за Ваше добро здравје, долгоденствие, просветление и плодоносие уште долги години.

На многаја лета, наш возљубен архипастиру!

Ве сакаат и синовски Ве целиваат Вашите монаси и монахињи од Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино.

 

Бигорски манастир