Пронајдено тело на уште една жртва од поплавите и одроните во БиХ

0
16

Телото на уште една жртва од поплавите и одроните е пронајдено во Бутуровиќ Поље, населба во близина на Коњиќ, потврди на 12 октомври за Радио Слободна Европа градоначалникот на Коњиќ, Осман Ќатиќ.

Ќатиќ изјавил дека станува збор за 78-годишна жена чие тело било пронајдено во саботата, по што нејзините синови ја идентификувале. Досега во Босна и Херцеговина се пронајдени телата на 24 жртви од поплавите и одроните. Од Јабланица се 17, од Коњиче четворица, додека кај Фојница загинаа три лица.

Спасувачките екипи се уште трагаат по најмалку четири исчезнати лица.

Во текот на ноќта од четврток кон петок, 4 октомври, обилни дождови ја погодија северна Херцеговина и централна Босна, предизвикувајќи порои и поплави.Дождот активираше бројни одрони, а најтешка е состојбата во Доња Јабланица на југот од земјата.

Надлежните во Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина тврдат дека уривањето на каменоломот е причина за големиот број жртви во Доња Јабланица. Земјите од регионот и Европската унија (ЕУ) испратија спасувачки тимови, финансиска и друга помош за преживеаните и санирање на штетите.

 

slobodnaevropa.mk