Европската унија (ЕУ) го предупреди Косово дека и по 11 години не ја исполни клучната обврска од дијалогот што се однесува на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово и го повика да го стори тоа без натамошно одлагање.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, ги потсети косовските власти дека секој предлог за Заедницата мора да биде разгледан со Србија и со ЕУ и да биде компатибилен со договорите од 2013 и 2015 година.
„Ова, исто така, значи дека Владата на Косово не може да подготви Статут на заедницата надвор од дијалогот (со Србија). Владата не може да се откаже од своите одговорности во рамките на дијалогот или да ги делегира на општините со мнозинско српско население“, вели Стано во писмена реакција до медиумите.
Ваквата реакција од Брисел доаѓа откако премиерот на Косово, Албин Курти, на 29 октомври изјави дека тој како шеф на владата не може да формира Заедница на општини со српско мнозинство. Тој рече дека формирањето на Заедницата не треба да се наметнува и дека Косово веќе има асоцијација на општини, мислејќи на Заедницата на општини на Косово.
Осврнувајќи се на Нацрт-статутот на заедницата што ЕУ го достави до двете страни во октомври 2023 година, Стано оцени дека станува збор за документ кој се заснова на добри европски модели и практики како и на косовската правна рамка.
Овој нацрт, потсети Стано, беше начелно прифатен од двете страни на средбата на високо ниво одржана на 26 октомври во Брисел, на која учествуваа германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
slobodnaevropa.mk