Kатоличките верници денес го одбележуваат Бадник, денот пред Божиќ.
Ден пред Рождеството Христово е Бадна вечера или Бадник. Бадник всушност означува бдение, цела вечер треба да се остане буден во молитва, а потоа целото семејство се надоврзува на Литургијата во црквата. Всушност празнувањето на Рождеството Христово започнува во семејството и продолжува во Црвката, која на тој ден е еден симбол за Витлеем, местото каде се раѓа Исус. Затоа се собираат членовите на семејството кои потоа преку причеста на Божиќната Литургија целото семејството стапува во заедништво со Христос – Богомладенецот. Пред таа средба со Христос семејството се моли интензивно, а молитвата е пропратена со богата обредна симболика.
Пред самата вечера, членовите на семејството со свеќа и плодови од земјата симболизирани преку леб – житницата и вино – лозјето и темјан одат во процесија или литија низ куќата.
Најнапред оди најмалиот со свеќа во рацете, кое е симбол на Светлото Христово, а потоа се редат по возраст. Се отвораат сите врати во куќата, односно се отвара домот, куќата семејството за доаѓањето Христово, конкретна симболика дека семејството, домот е отворено за Христос, дека не е како Витлеемските семјества, кој не му даваат топол дом на Богомладенецот. Притоа се повикува Господ да биде гостин на трпезата.
Откако процесијата ќе заврши седнуваат на трпезата, пред да започнат се молат, читаат од Светото Писмо, а потоа се крши лебот во кој има паричка. Лебот го раскршува највозрасниот во семејството и поделува најнапред на Господ, потоа домаќинството, а на крајот поделува подеднакви парчиња на сите членови од семејството.
Поради тоа што на Бадник се собрани сите членови на семејството заедно оваа вечер е и семејна. Од овој прекрасен обред и традиција гледаме колку важна улога има семејството за животот на Црквата.
Според Евангелието, Исус Христос е роден на 25 декември во еврејскиот град Витлеем, затоа, со разликите во календарите, тој датум се почитува како почеток на нова ера и нова историја на човештвото.