Ветувањето на американскиот претседател Доналд Трамп за брзо завршување на руската војна против Украина доби нов пресврт кога неговиот специјален пратеник Кит Келог рече дека администрацијата би сакала Киев да одржи избори, потенцијално оваа година, особено ако се договори примирје.
Забелешките на Келог го носат до израз ова чувствително прашање во украинската политика, во перид кога се зголемуваат напорите на Соединетите Држави за почеток на мировните преговори и додека Кремљ се обидува да го дискредитира украинскиот претседател Володимир Зеленски тврдејќи дека е нелегитимен.
Во интервју за Ројтерс на 1 февруари, Келог рече дека изборите во Украина „треба да се случат“ и може да се одржат по договор за прекин на огнот, нешто што тој рече дека може да се постигне во рок од неколку месеци.
„Повеќето демократски нации имаат избори во време на војна. Мислам дека е важно да го направат тоа. Мислам дека тоа е добро за демократијата. Тоа е убавината на солидна демократија, да имете повеќе од една личност потенцијално да се кандидира“.
Трамп, кој за време на кампањата рече дека ќе стави крај на војната дури и пред неговата инаугурација доколку биде избран, не кажа како се надева да го заврши тоа. Но, тој сугерираше дека ќе го користи пристапот „морков и стап“ и со Киев и со Москва за да ги седне на маса.
Михаил Алексеев, политиколог од Државниот универзитет во Сан Диего, кој се фокусира на Русија и Украина, рече дека администрацијата на Трамп веројатно го покренала прашањето за изборите со надеж дека тоа би можело да го олесни преговарачкиот процес. Но, тој рече дека тоа може да и оди во прилог на Русија, нарекувајќи го „опасен политички трик од страна на Кремљ“.
slobodnaevropa.mk