Косово на крстопат со своите сојузници

Во време на брзи геополитички случувања, од суштинско значење е новата влада на Косово по изборите на 9 февруари да се усогласи со своите меѓународни сојузници. Ако не го стори тоа, ризикува земјата да се втурне во изолација или да остане затворена во замрзнат конфликт, велат набљудувачите во САД и Европа.

Актуелниот косовски премиер Албин Курти и неговата влада беа критикувани од поранешни функционери на американската администрација за дејствијата кои се сметаат за некоординирани на северот на Косово каде има мнозинство на српско население. Овие акции беа насочени кон отстранување на паралелните институции со кои раководи Србија на север, а во последно време и на југ.

Во изминатите две години, Владата на Курти ги замени српските регистарски таблички со косовски, го запре увозот на српската валута (динар) во Косово, затвори српски банки и десетици други српски паралелни институции и многу повеќе.

За САД и Европската Унија, овие акции беа некоординирани со нив и еднострани и го отежнаа животот на српската заедница и требаше да се разговара во рамките на дијалогот со Србија за нормализирање на односите. За нив не беше вистинското време тоа да се направи.

За Курти, ова беа неопходни чекори кон проширување на владеењето на правото на север, во согласност со Уставот и законите на земјата.

 

 

slobodnaevropa.mk