Европските сили, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија, соопштија дека мора да учествуваат во какви било идни преговори за судбината на Украина, нагласувајќи дека само фер договор со безбедносни гаранции ќе обезбеди траен мир.
„Нашите заеднички цели треба да вклучуваат ставање на Украина во позиција на сила. Украина и Европа мора да бидат дел од какви било преговори“, се вели во заедничката изјава на седумте земји и Европската комисија, пренесе Ројтерс.
„На Украина треба да и се обезбедат силни безбедносни гаранции. Праведен и траен мир во Украина е важен услов за силна трансатлантска безбедност“, се нагласува во изјавата и се додава дека европските сили со нетрпение очекуваат разговори со американските сојузници за следните чекори во мирот.
Министрите за надворешни работи на Франција, Велика Британија, Германија, Полска, Италија, Шпанија и Европската комисија во средата (12 февруари) во Париз се сретнаа со украинскиот министер за надворешни работи.
Средбата, закажана пред неколку недели, имаше за цел да ги претстави одбранбените стратегии на ЕУ, да разговара за тоа како да се зајакне Украина, да се планираат идни мировни преговори и да се разговара за тоа како да се пристапи кон разговорите со американската администрација кога тие ќе се сретнат на Минхенската безбедносна конференција овој викенд.
slobodnaevropa.mk