Шест ученици од Техничкото училиште ЃОРЃИ НАУМОВ – БИТОЛА под менторство на професорката Александра Колевска-Јовановски, освоија прво место на хакатонот на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола. Тие развија уред со напредни сензори за мерење на квалитетот на воздухот, поврзан со апликација која овозможува следење на загаденоста во реално време.
Тимот напорно работеше со цел да ја реализира идејата за иновативното еко решение со што ќе се придонесе за заштита на животната средина и енергетската ефикасност, како и за примената на обновливлите извори на енергија.
Тимот „ЕкоМакс“, составен од Димитар Србиновски, Ристијан Ристески, Никола Алексовски, Емилија Југовска, Христијан Атанасовски и Андреј Манасиев, ја дефинирал идејата само неколку дена пред почетокот на натпреварот, а за два дена успеал да ја реализира. Како награда, добија 6.000 долари за усовршување на проектот.
Учениците истакнуваат дека загаденоста е голем проблем во Битола и Македонија и дека младите треба да се обединат за подобрување на животната средина.
Менторката Колевска-Јовановски нагласува дека ваквите натпревари им помагаат на учениците да го применат стекнатото знаење, да развијат тимски и комуникациски вештини и да се подготват за идни професионални предизвици. Тимот веќе има значајни успеси, вклучувајќи прво место во 2024 и второ место во 2023 година на Државните натпревари за електротехнички, машински и сообраќајни училишта во Македонија.
Настанот беше организиран со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан, имплементиран од CEED Hub Skopje, во партнерство со Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола при Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола и Општина Битола – официјална страница.
4news.mk