САД ќе продаваат виза „златна карта“ по цена од 5 милиони долари

Американскиот претседател Доналд Трамп ги откри плановите за продажба на дозволи за престој наречени „златни карти“ во вредност од по 5 милиони долари и рече дека руските олигарси би можеле да бидат подобни за нив.

Трамп ја објави програмата во Белата куќа, велејќи дека „златните карти“ ќе бидат достапни за околу две недели.

„Имате зелена карта, ова е златна карта. Ќе ставиме цена на таа картичка од околу 5 милиони долари“, рече Трамп.

Приходите од продажбата ќе бидат искористени за намалување на дефицитот. Програмата ќе биде насочена кон „луѓе со пари“ кои ќе отворат работни места, рече американскиот претседател.

„Тие ќе бидат богати и успешни и ќе потрошат многу пари, ќе плаќаат многу даноци и ќе вработат многу луѓе, а ние мислиме дека тоа ќе биде исклучително успешно“, рече Трамп.

Кандидатите за новите златни карти ќе бидат внимателно проверени и можеби ќе биде можно да аплицираат богати Руси.

„Познавам некои руски олигарси кои се многу фини луѓе. Можно е“, рече Трамп. „Тие не се толку богати како порано. Мислам дека можат. Мислам дека можат да си дозволат 5 милиони долари“.

 

 

 

slobodnaevropa.mk