Концентрациите на PM10 честички во зоната на Трубарево се безбедни и не ја надминуваат законската граница – информираше Министерството за животна средина по пожарот кој на 13 септември изби во складиштето за електронски отпад. Испитувањата и на воздухот и на почвата продолжуваат
Според резултатите од Индикативните мерења на суспендирани цврсти честички – фракција PM10 во зоната на Трубарево, во периодот 14-18 септември 2025 година, што ги изврши Лабораторијата АМБИКОН при Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип што беа објавени денеска, воздухот во Трубарево не е загаден со ПМ 10 честички.
Од Министерството за животна средина соопштија и дека „се препорачува континуиран мониторинг во близина на местото на пожарот, особено при активности за чистење и рехабилитација на локацијата“.
-Клучни резултати од мерењета се просечни концентрации PM10: 36–44 µg/m³, сите во рамки на дозволената 24-часовна гранична вредност од 50 µg/m³. Материите содржани во честичките (Na, Mg, Al, Si, S, K, Ca, Fe, Cu, Zn, Pb и други) се во рамки на нормалните вредности за урбани средини. Концентрациите на PM10 се безбедни и не ја надминуваат законската граница – стои во соопштението до МЖСПП.
Резултатите се однесуваат за мерни места на локацијата одалечена 50 метри од пожарот и локацијата на 150 метри од пожарот, во дворот на основното училиште на селото.
Од Министерството велат дека ќе продолжат со „редовно следење на квалитетот на воздухот и навремено информирање на јавноста“.
Во меѓувреме, останува да се доанализираат уште два филтри од последниот ден на мерењето на воздухот во Трубарево – информира ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип и раководител на лабараторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски. Тој вели дека потребни се и дополнителни анализи за воденорастворливите јони.
Мираковски нагласи дека резултатите од мерењата на воздухот кои беа објавени денеска, покажуваат дека состојбата со квалитетот на воздухот таму, една недела по пожарот, е нормализирана.
„Елементарниот состав е изразен во нанограми или милјардитиот дел на грамот во кубен метар и повторно ако треба да се сумира, тоа се концентрации кои се вообичаени за урбана средина и не се работи за некакви екстремни концентрации на ниту еден од елементите. Споредено со другите градови сме гледале и многу повисоки концентрации, а посебно во зимските периоди, кога е загадено многу повеќе, на сите елементи, коишто се дадени“, изјави Мираковски.
Тој посочи дека не може да направи оценка врз основа на период од пет дена и затоа препорачуваат да остане мониторингот во реално време за да може да се види, доколку се јавува некаков проблем.
Според него, дополнителните анализи важни за потврдување на зоната на контаминација и за безбедноста на граѓаните се „анализите на земјата и на изворите на вода, односно подземните води и површинските води, доколку ги има во регионот“.
slobodnaevropa.mk




