Македонскиот Митрополит Петар учествуваше на литургија близу Москва

Македонскиот Митрополит Петар учествуваше на литургија близу Москва началствувана од рускиот патријарх Кирил на која беше изразена и поддршка за рускиот претседател и руската војска додека трае руската инвазија врз Украина. Ова е прва посета на член на Синодот откако Руската православна Црква ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА во 2022, во време кога руските црковни достоинственици се изолирани од останатите православни цркви.

Порака на единство меѓу двете Помесни православна сестрински Цркви и порака на единство во верата меѓу двата православни народи е пораката која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија(МПЦ-ОА) ја испраќа со присуството на претставници на црквата на литургија началствувана од рускиот Патријарх Кирил во Москва, велат од МПЦ-ОА за Радио Слободна Европа.

Митрополитот преспанско-пелагониски, Петар и епископот велички, Никола, учествуваа на литургијата на 8 октомври во манастирот „Свети Сергеј Радоњишки“, на Сергеов посед, близу Москва.

Од МПЦ – ОА велат дека изминативе денови неколкумина високи македонски црковни претставници, архијереји на МПЦ-ОА се во посета на сестринските Помесни Православни Цркви меѓу кои струмичкиот митрополит г. Наум е во посета на епархиите на Романската Православна Црква, а митрополитот г. Петар е во посета на епархиите на Руската Православна Црква.

Но, ова е прва посета на член на Светиот Синод на МПЦ-ОА во Москва, по признавањето на Руската православна црква на автокефалноста на МПЦ-ОА во 2022 година. Признавањето од Руската Црква следуваше откако во мај истата година Вселенската патријаршија донесе одлука за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет. По тоа следуваа признавања на автокефалноста на Македонската црква од останатите православни цркви, меѓу кои и Српската.

 

 

 

 

DW