Економијата ќе порасне за 3,8 проценти, а инфлација ќе падне на 2,5 отсто. Вакви се проекциите на Владата која што го усвои предлог-буџетот за 2026 година, со кој економскиот пораст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП. Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари (6,09 милијарди евра), а вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари (6,73 милијарди евра), додека проекцијата за капиталните инвестиции е на износ од 40,5 милијарди денари (650 милиони евра).
Според министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, фискалната политика за 2026 година ќе биде насочена кон поддршка на макроекономската стабилност, економската активност, намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи.
„Проекцијата е дека наредната година ќе има 6 отсто пораст на даночните приходи кои ќе изнесуваат околу 12 милијарди денари. Придонесите се планирани на повисоко ниво за 4,7 милијарди денари и изнесуваат 4 отсто повеќе во однос на ребалансот за 2025 година. Посебен акцент е ставен на пораст на приватните инвестиции, кои се очекува да растат со забрзано темпо поради интересот на компаниите за поволната кредитна линија“, рече министерката Димитриевска-Кочоска на прес-конференција во вторникот (28.10).
Историски највисоко ниво на економска неизвесност
Народната банка размислува за нагорна проекција на инфлацијата. „Многу е веројатно Народната банка да направи нагорна корекција на проекциите за инфлацијата, која што во моментов е над очекувањата, а стабилизација и нејзино враќање на посакуваните два отсто се очекува на среден рок“, вели вицегувернерката Ана Митреска.
Вицегувернерката Ана Митреска вели дека се соочуваме со историски највисоко ниво на економска неизвесност што не е проблем само за носителите на макро политиките, туку и за бизнис секторот. Клучен ризик се трговските тензии поради нејасни и непредвидливи договори меѓу земјите. На конференцијата што ја организира „Блумберг Адрија“, таа оцени дека глобалната неизвесност и непредвидливост веќе половина деценија е неизбежен дел од макроекономските проекции.
„За жал, единствена константа во овие околности е непредвидливоста. Анализите покажуваат дека скоро 83 проценти од анкетираните компании во ЕУ ја навеле неизвесноста како клучен фактор при носење одлуки за инвестиции“, вели Митреска.
Народната банка со нагорна проекција на инфлацијата?
Што се однесува до инфлацијата, таа вели дека растот на цените значително се смири споредено со двоцифрените нивоа од крајот на 2022 година и со такви шокови беше очекувано да се видат сериозни ефекти.
„Имајќи го предвид смирувањето на глобалните тензии, инфлацијата се смири на 3,5 отсто, па оваа година забележа одредено забрзување на четири отсто. Се соочуваме со продолжена инфлација и одредена разлика во однос на инфлаторните стапки во еврозоната. Пазарот не се прилагоди соодветно, базичната инфлација е инертна и се движи околу пет проценти поради повеќе други фактори и ефекти на пример од силната кредитна активност, пораст на платите итн…“, вели таа.
Народната банка не направи промени на каматната стапка од февруари за разлика од Европската централна банка (ЕЦБ), но, според Митреска, преземени се други мерки кои обезбедуваат отпорност на економијата.
„На среден рок, со самиот факт дека е повисока инфлацијата (четири отсто) за разлика од проценките за три проценти, многу е веројатно да направиме нагорна корекција за годинава и на среден рок да стигнеме до посакуваните два отсто и да се усогласиме со еврозоната“, вели вицегувернерката.
Славески очекува инфлација под 4 проценти
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески,во вторникот на конференција во Охрид рече дека не очекува некаков значаен ценовен удар, ниту зголемена инфлација или недостиг на нафтени деривати во земјата, како последица на последните дополнителни санкции воведени за енергенсите од Руската Федерација. Славески е уверен дека по првичниот благ ценовен удар работите ќе се стабилизираат.
„Има други производители кои имаат капацитети да ги надоместат количествата нафта што можеби нема да бидат испорачани од Русија. Не очекувам некој поголем шок“, вели тој.
Согласно проекциите од Народната банка, се очекува трендот на намалување на инфлацијата забележан последните месеци да продолжи и до крајот на годината инфлацијата да не биде поголема од четири проценти. „Таргетот за наредната година е да се симне на три и под три проценти, во рамки на инфлацијата забележана во ЕУ“, рече Славески.
Гувернерот по стапувањето на функцијата во јуни годинава најави фиксен девизен курс и ниска и стабилна инфлација во рамки на таа во еврозоната, како и заштита на интересите на граѓаните и стопанството во Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, во август рече дека е подготвен да плати „политичка цена“ со непопулистички мерки за инфлацијата. „Подобро на краток рок да ја платиме политичката цена, отколку граѓаните да ја плаќаат на долг рок“, порача тогаш премиерот.
DW




