Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека добила лична покана од американскиот претседател Доналд Трамп да ја претставува земјата во Комитетот за мир, „како член-основач“.
Се очекува комитетот да го надгледува управувањето со Појасот Газа откако САД посредуваа во постигнувањето договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, палестинска група која Вашингтон и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација.
„Храброто раководство не само што зборува за мир, туку го гради. Токму тоа го прави претседателот Трамп преку оваа историска иницијатива“, напиша Османи на Фејсбук, објавувајќи ја поканата испратена од Трамп.
Претседателката на Косово рече дека САД донеле мир во Косово и дека Косово сега е нивен „непоколеблив сојузник во понатамошното промовирање на мирот“.
„Историјата ги памети оние кои преземаат смели чекори во градењето мир – и ние сме подготвени“, напиша Османи.
Во писмото на Трамп, со датум од 20 јануари, се вели дека на 29 септември 2025 година го објавил Сеопфатниот план за ставање крај на конфликтот во Газа, план од 20 точки „брзо одобрен од сите светски лидери“. Во писмото се споменува и резолуција на Обединетите Нации што го поддржува планот.
„Сега е време овие соништа да се претворат во реалност. Во срцето на планот е Комитетот за мир, најимпресивниот комитет некогаш создаден“, се наведува во писмото на Трамп.
Трамп изјави дека очекува понатамошна соработка со Османи „далеку во иднина, кон постигнување на целта за траен светски мир, просперитет и величина за сите“.
slobodnaevropa.mk




